НАМАЛЕНАТА КАЗНА ЗА ВОЗАЧОТ КОЈ ЈА ПРЕГАЗИ СТУДЕНТКАТА ЦЕКОВСКА КАЖУВА КОЛКУ СУДСТВОТО Е НЕРЕФОРМИРАНО, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ

    НАМАЛЕНАТА КАЗНА ЗА ВОЗАЧОТ КОЈ ЈА ПРЕГАЗИ СТУДЕНТКАТА ЦЕКОВСКА КАЖУВА КОЛКУ СУДСТВОТО Е НЕРЕФОРМИРАНО, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИСо првата пресуда Видојковиќ беше осуден на 6,5 години затвор. Апелација предметот го врати на повторно судење, а кога по вторпат беше осуден на 4, Апелација Скопје пак му ја намали на три години затвор. - Министерот Спасовски на трибина во Велес (Фото:СДК.МК)

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски смета дека намалувањето на затворската казна на возачот кој ја прегази студентката Фросина Цековска од Крива Паланка покажува дека судството не е реформирано.

    „Одлуки на суд не коментирам. Но ова што се случи со студентката од Крива Паланка, покажува колку треба да се реформира судството. Судски одлуки не се коментираат, но судски одлуки кои се лоши за државата и поединецот, заслужува да се реагира. Минавме тежок период од 11 години кога правилата станаа исклучоци а исклучоците правила, во кој се промени менталитетот на граѓаните“, одговори министерот Спасовски на прашање од граѓанин на трибина во Велес, за безбедноста во сообраќајот.

    Граѓанин го праша како се чувствува откако Апелација ја намали казната на возачот кој на пешачки усмрти девојка во Скопје.

    Деновиве Апелациониот суд Скопје му ја намали казната од четири на три години затвор на обвинетиот Љубиша Видојковиќ, кој на пешачки премин на булевар „Партизански одреди“ во Скопје, на трети април 2015 година движејќи се со брзина од 85 км/ч и со 1,2 промила алкохол во крвта, со автомобил смртно ја прегази пешакот Цековска. Таа имаше 19 години.

    Со првата пресуда Видојковиќ беше осуден на 6,5 години затвор. Апелација предметот го врати на повторно судење.

    Министерот слушна и како граѓаните реагираат на големата бучава која ја предизвикуваат мотористите со нивните машини, но беше прашан и зошто сообраќајната полиција не реагира на ова брзо и егзибиционистичко возење на мотоциклистите.

    „Постојано вршиме контрола во сите градови од земјава. Контролите покажуваат дека мотористите не мислат на самите себе, не носат заштитен шлем, а камоли да мислат на другите учесници во сообраќајот“, кажа Спасовски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира