НАПАДНАТИ НОВИНАРИТЕ НА „ИНФОМАКС“, НАПАЃАЧОТ ЈА ИСКРШИЛ ВРАТАТА И НАСИЛНО ВЛЕГОЛ ЗА ВРЕМЕ НА ЕМИСИЈА ВО ЖИВО

    НАПАДНАТИ НОВИНАРИТЕ НА „ИНФОМАКС“, НАПАЃАЧОТ ЈА ИСКРШИЛ ВРАТАТА И НАСИЛНО ВЛЕГОЛ ЗА ВРЕМЕ НА ЕМИСИЈА ВО ЖИВОНовинарите на „Инфомакс“ биле нападнати затоа што го критикувале премиерот Христијан Мицкоски. (Фото: Принтскрин од видео на Инфомакс)

    Синоќа лице ги нападна новинарите на порталот „Инфомакс“ додека од студиото на редакцијата одеше во живо емисијата „Тешки муабети“. Додека новинарите Александар Митовски и Милош Милошевски заедно со гостинот, ексградоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, разговарале во студиото, била скршена влезната врата на редакцијата и биле нападнати затоа што, како што кажа Митовски, го критикувале премиерот Христијан Мицкоски.

    „Партиска будала само што насилно влезе во редакцијата на ‘Инфомакс‘ и во мојот дом. Сѐ е снимено, и нападот и упадот и насилството. Дечките од полиција брзо реагираа. За сѐ останато, ќе ја тераме до крај“, објави главниот уредник на „Инфомакс“ Митовски на својот фејсбук профил веднаш по нападот.

    Потоа, во вклучување во живо Митовски објасни дека лицето кое ги нападнало им е непознато и дека по нападот е приведено од полицијата.

    „Од безбедносните камери се гледа дека лицето дошло со такси. Почна да тропа на влезната вратата, ја скрши, влезе внатре, па искрши уште две врати внатре во редакција. Првиот муабет му беше ‘кој си ти да го навредуваш премиерот Мицкоски‘. Рече дека ќе нѐ убие сите, ќе ни го извадел џигерот. Го удри Милош, го нападна и Стевчо. Со чаши удираше по нас во редакција. Успеавме да го истуркавме надвор, дојде полиција и го приведе“, рече Митовски.

    Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека веднаш по добиената пријава е лишено од слобода лицето кое насилно упадна во студиото на „Инфомакс“.

    „Полициски службеници од ПС Кисела Вода го лишија од слобода Г. С.(43) од Скопје, веднаш по добиената пријава на 10.12.2025 во 23:45 часот од страна на А. М., водител на емисија на порталот ‘Инфомакс’, кој во СВР Скопје пријави дека во редакцијата на порталот, лоцирана на улица Востаничка во Скопје, машко лице влегло во редакцијата, додека траела програмата во живо, оштетило две врати и го попречувало емитувањето на емисијата, во која гостин бил поранешниот градоначалник С. Ј., а биле присутни и водителот М. Н. и камерман. Подоцна е утврдено дека станува збор за лице со здравствени проблеми, кое претходно било спроведувано во Психијатриска болница Бардовци. По целосно расчистување и документирање на случајот, против Г. С. ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка. Министерството за внатрешни работи и во иднина брзо и неселективно ќе ги санкционира сите случаи на напади на новинари или друго нарушување на јавниот ред и мир и против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави“, соопшти МВР.

    Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, ни изјавија дека дежурен јавен обвинител е известен и веќе постапува.

    „Лицето е задржано, прибираме докази. Во текот на денот ќе имаме подетална информација“, изјавија од ОЈО Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Митовски рече дека лицето ќе се гони за насилство и напад на службено лице, бидејќи напад на новинар е напад на службено лице.

    Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) побара најстроги казни за нападот велејќи дека ваквото однесување може да биде опфатено со одредбите од член 382 од Кривичниот законик Спречување службено лице во вршење службено дејствие, со предвидени казни до три години затвор, со оглед дека напаѓачот насилно упаднал во студиото, кршел инвентар и насилно ја прекинал работата на новинарите а со тоа и нивната обврска слободно да информираат.

    „Овој инцидент претставува сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување. Настанот уште еднаш ја потсетува јавноста и институциите на неопходноста од обезбедување безбедна и заштитена средина за работа на медиумите“, рекоа од ЗНМ.

    Нападот на новинарите на „Инфомакс“ го осуди и лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче, кој рече со ова јасно се гледа дека слободата на граѓаните и слободата на медиумите е загрозена и дека српското сценарио на ВМРО-ДПМНЕ започна синоќа.

    „Синоќа се случи инцидент. Повиците за насилство, претставници и симпатизери на власта резултираа со најголемиот медиумски инцидент после упадот во А1 телевизија во 2010 година, со физички напад во живо врз новинарите на Инфомакс, додека траеше програмата. Според информациите што ги добивме, напаѓачот е член на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Злоупотребата на власта и на моќта синоќа ја видовме на дело“, рече претседателот на СДСМ Филипче на денешната прес-конференција.

    Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ исто така го осудија синоќешниот упад во студиото на „Инфомакс“ велејќи дека ваквите инциденти се неприфатливи и претставуваат закана за основните демократски вредности кои треба да се заштитуваат и промовираат.

    „Слободата на медиумите, правото на информирање и независната новинарска работа се темелни принципи за кои како партија отсекогаш сме се залагале. Без оглед на разликите во ставовите или уредувачките политики, секој медиум мора да работи во средина која гарантира безбедност, достоинство и почитување“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира