НАПРАВЕНИ 4 ТРАНСПЛАНТАЦИИ НА БУБРЕЗИ ОД ПОЧИНАТ ДАРИТЕЛ, СЕ ПОДГОТВУВА ПРЕСАДУВАЊЕ СРЦЕ И ЦРН ДРОБ

    НАПРАВЕНИ 4 ТРАНСПЛАНТАЦИИ НА БУБРЕЗИ ОД ПОЧИНАТ ДАРИТЕЛ, СЕ ПОДГОТВУВА ПРЕСАДУВАЊЕ СРЦЕ И ЦРН ДРОБМинистерството за здравство вели дека во тек е изработка и на листа за трансплантација на срце, по што ќе следи и практична реализација на зафатот. - Од минатогодишното одбележување на Европската недела на органодарителство (фото: МИА)

    До крајот на месецот ќе биде изработена листа за пресадување бубрези, а годинава покрај трансплантација на органи од жив дарител, направени се и 4 трансплантации од починати, односно од пациенти со мозочна смрт, велат од Министерството за здравство.

    „Со тоа, овие осум пациенти кои претходно беа на дијализа добија можност да имаат поквалитетен живот со бубрег од починат дарител. Изработката на националната листа за трансплантација е во финална фаза и се очекува до крајот на октомври на листата да има над 150 хла типизирани пациенти кои се на дијализа, а имаат потреба од бубрег. Листата се работи по примерот на Еуротрансплант и е прва ваква во нашата држава“, велат од Министерство и додаваат дека очекуваат следната година бројот на трансплантации од починати двојно да се зголеми.

    Трансплантацијата во земјата е еден од приоритетите на Министерството за здравство и на Владата, а паралелно со развој на трансплантацијата на бубрези, се подготвуваат и за пресадување црн дроб и срце.

    „Тим на експерти кардиохирурзи, кардиолози и интернисти се во координација и веќе се работи на изработка и на национална листа за трансплантација на срце, а паралелно со тоа завршуваат и подготовките за практична реализација на трансплантацијата. Целта е идната година да се направи и трансплантација на црн дроб во земјава“, велат од Министерството за здравство.

    Договори за соработка за пресадување органи Министерството за здравство веќе склучило со болници од Израел и Турција, и велат дека се во преговори за соработка со центри во Словенија, Хрватска и Австрија.

    „Во преговори сме за потпишување на договор со Еуротрансплант, со што ќе се овозможи размена на органи со нам блиски земји членки на Еуротрансплант “, велат од Министерство.

    Се планира следната година да се посвети на подигање на свеста за органодарителство, а трансплантацијата и грижата за нејзино унапредување ќе останат над дневно политичките теми.

    „Секој подарен орган е спасен живот. За нас ова е мотивот за работа. Сериозниот пристап, работата и ставот кој го имаме кон вакви чувствителни теми, како и досега се императив и ќе продолжиме во таа насока. Секој спасен живот е мотив да продолжиме да работиме на унапредување на здравствениот систем“, велат од Министерство за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира