НАПРОЛЕТ ОД СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ЛЕТА И ЗА БАРСЕЛОНА, ЛИОН, ДУБАИ И ШТУТГАРТ, А ОД ОХРИД ЗА ИСТАНБУЛ И БАЗЕЛ, ЌЕ СЕ РАСПИШЕ И ВТОР ОГЛАС ЗА НОВИ АВИОЛИНИИ

    НАПРОЛЕТ ОД СКОПЈЕ ЌЕ СЕ ЛЕТА И ЗА БАРСЕЛОНА, ЛИОН, ДУБАИ И ШТУТГАРТ, А ОД ОХРИД ЗА ИСТАНБУЛ И БАЗЕЛ, ЌЕ СЕ РАСПИШЕ И ВТОР ОГЛАС ЗА НОВИ АВИОЛИНИИМинистерот Николоски се надева дека кон крајот на ноември или во декември ќе може да презентира неколку нови дестинации од вториот оглас. (Фото: СДК.МК)

    Од следната пролет се воведуваат шест нови авиолинии, со тоа што од Скопскиот аеродром ќе се лета во Барселона, Лион, Истанбул и Штутгарт, а од Охридскиот аеродром за Истанбул и Базел-Милуз, ги објави резултатите од тендерот за субвенционирање авиолинии министерот за транспорт Александар Николоски.

    Барселона, Лион, Штутгарт и Базел-Милуз ги доби унгарската приватна авиокомпанија „Визер“, која држи над 60 отсто од авиосообраќајот во Македонија. Истанбул е на „Туркиш ерлајнс“, а авионската линија кон Дубаи, е на „Флај Дубаи“.

    Идејата на тендерот, кој овојпат не беше за авиокомпании туку за авиолинии, беше да се намали зависноста од одредена авиокомпанија, а во случајот тоа е „Визер“ која доминира. Го прашавме министерот за транспорт и врски Александар Николоски што ќе се случи ако „Визер“ се затвори, во услови кога држи над 60 отсто од авиолиниите во Македонија, а тој ни одговори тогаш дека ќе ги изгуби субвенциите.

    Ако се затвори ‘Визер’, нормално дека нема да ги добива субвенциите кои што се планирани. Повикот не беше за авиокомпании, туку за дестинации, така што ова се трите компании кои се пријавија за дестинациите што ги баравме. Повикот беше отворен, јас не можам некого да присилам да се пријави или да не се пријави. Со самото тоа што ‘Туркиш ерлајнс’ се пријави за Охрид-Истанбул, е голема работа за Охридскиот аеродром, ‘Флај Дубаи’ што ќе не отвори кон цел Среден Исток исто така многу кажува, а на вториот повик за нови авиолинии очекувам и други компании да се пријават“, одговори Николоски.

    Тој на денешната прес-конференција искажа задоволство од резултатите на јавниот повик кого тој го распиша во септември. Рече дека во следните неколку недели ќе распише нов оглас, за нови линии.

    Од 30 март 2025 година двапати неделно ќе се лета Скопје – Дубаи – Скопје со „Флај Дубаи“. Од 30 јуни двапати неделно ќе се лета: Скопје – Барселона – Скопје, од 30 јули три пати неделно ќе се лета Скопје – Лион – Скопје, а трипати неделно ќе се лета на релацијата Скопје – Штутгард – Скопје.

    Од Аеродромот во Охрид двапати неделено ќе се лета на релацијата Охрид – Базел-Милуз – Охрид, а од 30 март 2025 и 4 пати на дестинацијата Охрид – Истанбул – Охрид.

    Николоски се надева дека кон крајот на ноември или во декември ќе може да презентира неколку нови дестинации од вториот оглас.

    Во летниот ред на летање од Скопје се лета кон 47 дестинации, а од Охридскиот аеродром кон осум. Во зима од Скопје се лета на 33 дестинации, а од Охрид на 4.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира