ВЕЧЕРНИТЕ НАРАЧКИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ НА ГРАЃАНИ ВО УБК БЕА ДИКТИРАНИ ПО ТЕЛЕФОН, СВЕДОЧЕШЕ ИНЖЕНЕРОТ ЅВОНКО КОСТОВСКИ

    ВЕЧЕРНИТЕ НАРАЧКИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ НА ГРАЃАНИ ВО УБК БЕА ДИКТИРАНИ ПО ТЕЛЕФОН, СВЕДОЧЕШЕ ИНЖЕНЕРОТ ЅВОНКО КОСТОВСКИСведокот Ѕвонко Костовски (лево), кој беше осуден во „Пуч“ со спогодба за вина со обвинителството на Марко Зврлевски и Златко Биковски, со обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов пред Основниот суд Скопје 1. (Фото: СДК.МК)

    Во продолжение на денешното сведочење на Ѕвонко Костовски, клучен сведок во „Тврдина – Таргет“ за масовното нелегално прислушување на граѓани во УБК без судски наредби, од 2008 до 2015 година, тој кажа како доаѓале наредбите за следење.

    „Началникот Горан Грујевски, односно началничката Надица Николиќ, на маркирачот му дава ливче со псевдоним на лицето, телефонски број и групата која има пристап да го слуша. Дали таа ’сите македонски‘, дали ’сите албански‘, или групата ’важно‘, во која беа директорот на УБК Сашо Мијалков, началникот Горан Грујевски и началничката Надица Николиќ. Во случај кога не беа на работа, попладне или навечер, се случуваше Николиќ на маркирачите да им ги издиктира по телефон броевите што треба да бидат прислушувани. Она што беше значи на ливче, без судска наредба, се правеше и по телефон“, рече Ѕвонко Костовски, единствениот досега осуден за масовното прислушување, под обвинение на Марко Зврлевски и Златко Биковски во случајот „Пуч“ со странски служби и жолти комбиња, кој одамна не постои.

    Костовски рече дека покрај јузерите што ги креирал: админ 1 и админ 2, за маркирачи, репродуцери, началници, креирал и нови: марк 11, марк 12 и марк 13, за нови маркирачи. Бил замолен од Грујевски.

    „Марк 11 го користеше Владимир Варелов. Тој имаше канцеларија спроти началникот Грујевски. Со него беше Силвана Златкова“, ги препозна Костовски во судница обвинетите Варелов и Златкова.

    Во 2014 година, пред да бидат објавени бомбите што ги изнесоа од УБК сведоците Ѓорѓи Лазаревски, Ѕвонко Костовски и Зоран Верушевски, кој уште не сведочел, тајната служба имала 80 кориснички сметки, или т.н. јузери за вработени во УБК, кои имале пристап до следење на комуникациите. Сведокот рече дека таа бројка пораснала толкава, низ годините.

    Сведочењето, на директни прашања на СЈО ќе трае денеска уште. Притоа ќе следуваат вкрстени прашања од одбраната на обвинетите: Мијалков, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски (тогашен шеф на кабинетот на Мијалков), Владимир Варелов, Надица Николиќ, Силвана Златкова, Васил Исаковски и Марјан Шумуликовски.

    Грујевски и Никола Бошкоски се во бегство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари