ПРИСЛУШУВАНИТЕ ГРАЃАНИ ПОД ОЗНАКА „ВАЖНО“ НЕ СМЕЕЛ НИКОЈ ДА ГИ ЧИТА ОСВЕН МИЈАЛКОВ, ГРУЈЕВСКИ И НАЧАЛНИЧКАТА НИКОЛИЌ

    ПРИСЛУШУВАНИТЕ ГРАЃАНИ ПОД ОЗНАКА „ВАЖНО“ НЕ СМЕЕЛ НИКОЈ ДА ГИ ЧИТА ОСВЕН МИЈАЛКОВ, ГРУЈЕВСКИ И НАЧАЛНИЧКАТА НИКОЛИЌОбвинетиот ексдиректор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков на претходно рочиште во Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Големиот случај „Тврдина-Таргет“ на СЈО за масовното прислушување, чие судење почна покасно од сите други на ова обвинителство, денеска во Основниот суд Скопје 1 продолжи со сведочење на Ѕвонко Костовски, кој беше осуден во „Пуч“ со спогодба за вина со обвинителството на Марко Зврлевски и Златко Биковски.

    Тој кажа дека во просториите со системите за прислушување во УБК, сега избеганиот началник на Петтата управа Горан Грујевски одредувал кој ќе има пристап со идентификациона картичка до системите, но и за останатите простории во сопственост на тајната служба. На прашање дали некој друг имал пристап до системите за следење „веринт“ и „најс“, освен инженерите како што е сведокот Костовски и маркирачите, кои одредувале кој и кого ќе прислушува, тој одговори дека оперативците што слушале, немале пристап до системите за следење, но додаде:

    „За слушање на телефонските броеви, имаше инсталирано компјутери кај сите началници на оддели во УБК. За ’најс‘ системот кој е понов од ’веринт‘ системот, мислам дека компјутер за слушање имаше и кај директорот на УБК Сашо Мијалков. Со ’веринтот‘, не знам дали беше поврзан Мијалков“.

    На прашање како се одвивало прислушувањето со „веринт“ системот, како се прислушувало, Костовски одговори:

    „Секој оператор имаше идентификационен број и врз основа на тој број, секој се знаеше кај има пристап. Ги одредуваше началникот на Петтата управа Горан Грујевски. Инженерите за одржување и маркирачите имаа пристап до системите за прислушување, тие што слушаа, немаа пристап. Пасвордите ги креиравме јас и колегата Сашо Трајковски. Следењето беше поделено на случаи: новинари, политичари, бизнисмени, случај за оперативни сознанија… освен групата ’судски наредби‘. Формирањето на тие групи беше правено по налог на Грујевски. Беа тоа групи на таргет. А ставањето на телефонски броеви, беше од маркирачите. Со усно барање до началничката Надица Николиќ. Не знам кој точно правел проценка, веројатно началникот Грујевски и началничката Николиќ. Сите овие случаи беа надвор од судски наредби“.

    На прашање на обвинителот од СЈО Артан Ајро дали се сеќава на корисничко име кое имало привилегија да маркира, рече дека се сеќава на админ 1 и 2, кај новиот“ најс“ систем. Кај стариот „веринт“ имало јузер „дир“ (директор) на пример, или со иницијали.

    „Кај ’најсот‘ почнавме да креираме имиња кои на ниеден начин не се поврзани со името на човекот што се прислушува“, одговори Костовски.

    На прашање на обвинителот Трајче Пеливанов, Костовски прецизираше дека имало разговори кои биле под ознака „важно“ и тие биле само за директорот на УБК Мијалков, началникот Грујевски и началничката, обвинетата Надица Николиќ.

    Кога се имплементирал новиот систем за следење на комуникациите, Грујевски му кажал на Костовски да ги исклучи безбедносните камери, да ги извади хард дисковите со податоци, за да ги уништат.

    „Му кажав не може тоа така, треба комисија за уништување во МВР да се направи“, рече Костовски.

    Сведочењето уште трае.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира