Наредниот 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, да го прославиме како членка на НАТО и во интензивни преговори со Европската унија, кажа претседателот на Собранието Талат Џафери.
„8 Септември, заедно со двата Илиндена, како што народски ги нарекуваме, се троножецот врз кој е поставен и се развива Република Македонија. Ако генерациите илинденци од Илинден 1903 и Илинден 1944 се бореа храбро, а многу од нив ги дадоа и животите, граѓаните на 8 Септември 1991 година, исто така, храбро, масовно гласаа за независна и самостојна Република Македонија. И пратениците од првиот состав на Собранието, храбро и визионерски ја преточија референдумската одлука во уставно-правна рамка со што Македонија од меѓународната заедница беше препознаена како суверен и самостоен меѓународен субјект“, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на вечерашниот прием по повод Денот на независноста, кој се одржа во Собранието.
Џафери упати порака до лидерите на политичките партии, пратениците и до граѓаните.
„Секогаш сме знаеле да се почитуваме меѓу себе, затоа, би апелирал до оние кои ја водат кампањата, нека биде позитивна и без навреди и дискфалификации на оној кој размислува различно од нас. Убеден сум дека на 30 септември, ние граѓаните ќе постапиме одговорно, ќе излеземе масовно да гласаме на референдумот и со нашиот глас да обезбедиме стабилна сегашност и иднина“, рече Џафери.
На приемот присуствуваа пратеници од сите пратенички состави, од првиот парламент до денес, првиот претседател на Собранието Стојан Андов, актуелни пратеници од власта, актуелни и бивши министри.
Од ВМРО-ДПМНЕ беа пратениците Илија Димовски и Даниела Рангелова. На приемот беа и претставници од дипломатскиот кор.
Премиерот Зоран Заев не дојде на приемот, бидејќи во тој момент даваше исказ како сведок во Кривичниот суд во Скопје, за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.
Г. ТРПЕНОСКИ