НАРОДНА БАНКА ИМ ГИ СКРАТИ ПРОВИЗИИТЕ НА БАНКИТЕ, НОВИ ПЛАТЕЖНИ ИНСТИТУЦИИ ЗА БРЗИ ПЛАЌАЊА ЌЕ РАБОТАТ СО ПОНИСКИ ЦЕНИ НА УСЛУГИТЕ

    НАРОДНА БАНКА ИМ ГИ СКРАТИ ПРОВИЗИИТЕ НА БАНКИТЕ, НОВИ ПЛАТЕЖНИ ИНСТИТУЦИИ ЗА БРЗИ ПЛАЌАЊА ЌЕ РАБОТАТ СО ПОНИСКИ ЦЕНИ НА УСЛУГИТЕОтсега банките, штедилниците и новите платежни институции што ќе се формираат, ќе мораат еднаш годишно на секој клиент да му исплаќаат извештај за наплатените надоместоци, па секој ќе може да види дали има отстапување од рамковниот договор. - Народна банка (Фото: СДК.МК)

    Досегашниот начин на плаќање само преку банките полека ќе се напушта, иако каскаме по современиот свет едно 20-тина години. Новиот Закон за платежни услуги и платежни системи, со стапувањето во сила (во јануари годинава), носи револуционерни промени на нашите навики, за кои сега на банките им плаќаме високи услуги и провизии.

    Се воведуваат и електронски пари (место да ги носиме физички во паричник или во џеб), на посебна картичка, што ќе ја издаваат новите платежни институции кои треба допрва да се формираат. Колку готовина ќе им ставиме, толку ќе имаме електронски пари со себе. Или, колку ќе ѝ кажеме на банката каде што ќе биде нашата трансакциска сметка, толку ќе ѝ префрли на електронската картичка што ќе ја води друга, нова платежна институција, за помали провизии.

    Електронските пари ќе бидат замена за книжните, за банкнотите (и монетите). Ако ја изгубиме таа картичка со електронски пари, исто како да сме изгубиле паричник. Овие картички нема да имаат дозволен лимит.

    Ќе се формираат нови платежни институции и институции за електронски пари, на кои ќе им ја довериме готовината во износ што ние сметаме дека треба да им го довериме и ќе им даваме наредби да ни плаќаат струја, вода, парно, рати за кредити и за други наши секојдневни потреби. Преку овие нови институции што треба да се формираат со новиот Закон, ќе може да добиваме и да префрламе пари на сметка и по 16 часот, а не како досега што ограничуваа банките: „Само до крајот на работното време“.

    Кредитите остануваат кај банките и штедилниците, а плаќањето на ратите, кај новите платежни институции. Банките и штедилниците ќе може сите услуги да ги даваат, како платежни услуги, издавање е-пари, депозити и кредити. За првите две ќе треба да ги спуштат провизиите, ако сакаат во тој дел да ги задржат клиентите.

    На новите даватели на платежни услуги е да се тркаат меѓу себе кој ќе настапи со најниски провизии за услугите, да привлече повеќе граѓани (клиенти) за да има профит со пониските провизии, а на банките да ги подобрат услугите, да ги снижат провизиите. Во конкуренцијата што ќе ја добијат со новите платежни институции, ќе треба да се борат да ги задржат клиентите кај себе.

    Во светот одамна се работи на овој поедноставен и поефикасен платен систем, а Македонија почнува допрва, но со прецизно поставен систем од страна на Народната банка, со цел максимална заштита на правата на потрошувачот, односно на граѓаните и на правните лица.

    Отсега банките, штедилниците и новите платежни институции што ќе се формираат, ќе мораат еднаш годишно на секој клиент да му исплаќаат извештај за наплатените надоместоци, па секој ќе може да види дали има отстапување од рамковниот договор.

    Она што е посебно важно како новина и придобивка од овој закон е воведувањето на обврската давателите на платежните услуги да доставуваат до Народната банка податоци за висината на надоместоците што ги наплаќаат за најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка, на редовна основа. Вицегувернерката на Народна Банка Емилија Нацевска вели дека се планира првите податоци за надоместоците да бидат објавени до крајот на септември оваа година. На овој начин, граѓаните ќе имаат брза и лесно достапна информација за надоместоците кога одлучуваат кај кој давател да отидат (банка, штедилница, нова платежна институција) за да користат платежни услуги.

    Платежните институции и институциите за електронски пари не смеат да прибираат депозити или други повратни извори на средства од јавноста, ниту да рекламираат вршење на такви активности. Издавачот на електронски пари не смее да пресметува и да плаќа камата или да нуди било каква друга корист во рамки на временскиот период во текот на кој имателот на електронски пари ги чува кај него.

    Ако случајно една ваква институција пропадне, законот забранува извршител да ги чепне парите на граѓаните кои се таму оставени. Овие пари се на клиентите и тие не влегуваат во стечајната или ликвидациската маса. Но, ако клиентот е должник во своја постапка и изгуби на суд, извршител ќе му наплати од тие негови лични средства, што значи не може да ги скрие ни во овие институции.

    Колку и да им се заканува конкуренција на банките и на штедилниците од новите платежни институции и институциите за е-пари што треба да се формираат, сепак тие остануваат големи играчи на пазарот, со нови задолженија: ќе понудат сметка за основни функции, исклучиво денарска и без дозволен лимит, и платежна сметка, која ќе биде за заштеди и трансакции со денари и девизи и ќе има дозволено пречекорување. Првата може да ја има само кај една банка, втората може и во други. За првата нема кредитна картичка и нема трошоци, за втората има.

    Право на отворање платежна сметка со основни функции има секој граѓанин – потрошувач со законско живеалиште или престојувалиште во Македонија, но и потрошувач кому му е одбиено барањето за престој и чие напуштање на нашата држава не е можно поради правни или други практични причини.

    Преку оваа сметка за основни функции, ќе може да се полни, да се празни платежната сметка. Потоа може да се врши отворање, одржување и затворање на платежната сметка, неограничен број уплати на парични средства на платежната сметка и неограничен број повлекување готовина од платежната сметка на шалтери или преку банкомати на банката/штедилницата. Со сметката за основни функции која е денарска, може да се врши неограничен број на платежни трансакции: директни задолжувања, користење на платежни картички, вклучително и за онлајн плаќање, кредитни трансфери, вклучувајќи и трајни налози, преку банкарските терминали и шалтерите во работните простории на банките/штедилниците и онлајн користење.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира