НАРОДНА БАНКА ЌЕ УПРАВУВА СО „АЛТА БАНКА БИТОЛА“, ГРАЃАНИТЕ ЌЕ МОЖАТ НЕДЕЛНО ОД СМЕТКИТЕ ДА ТРОШАТ САМО 10.000 ДЕНАРИ

    НАРОДНА БАНКА ЌЕ УПРАВУВА СО „АЛТА БАНКА БИТОЛА“, ГРАЃАНИТЕ ЌЕ МОЖАТ НЕДЕЛНО ОД СМЕТКИТЕ ДА ТРОШАТ САМО 10.000 ДЕНАРИГувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кажа дека оваа привремена мерка се воведува заради заштита на интересите на штедачите и стабилноста на банката (Фото: СДК.МК)

    Народната банка воведе своја управа во „Алта банка Битола“. Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на денешната прес-конференција кажа дека оваа привремена мерка се воведува заради заштита на интересите на штедачите и стабилноста на банката.

    „Оваа мерка е од времен карактер и се воведува исклучиво поради случувањата со акционерот со квалификувано учество ‘Алта банка‘ АД Белград. ‘Алта банка‘ АД Битола е високо капитализирана, ликвидна и со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди. Воведувањето на администрацијата подразбира дека управувањето со имотот на банката привремено преминува во надлежност на лица именувани од Народната банка, а во рамки на дадените овластувања од Извршниот одбор на Народната банка на Република Северна Македонија“, рече гувернерот Славески.

    ​Исто така, утврден е неделен лимит за граѓаните кои имаат сметки во банката. Тие ќе можат неделно од своите сметки да трошат само 10.000 денари. Во моментов, електронското банкарство на банката не работи. Кредитокорисниците треба и понатаму навремено да ги исполнуваат своите обврски кон банката.

    „Оваа сума од 10.000 денари што може да се користи неделно ја утврдивме раководејќи се од просечната плата и пензиите. Се надеваме дека овој процес брзо ќе заврши. Иако максималниот рок е три месеци, мислиме дека состојбите ќе се разрешат побрзо. Има повеќе заинтересирани купувачи на акциите. Сопствениците од Србија сега имаат одреден кус рок да ги понудат акциите на продажба, во спротивно, тоа ќе го прави НБРМ. Ние гледаме во кусо време да ги продадеме акциите. Во овој момент имаме неколку заинтересирани купувачи од земјава и странство“, рече Славески.

    Тој кажа дека вчера откако беше соопштено дека Народната банка на Србија ја одзела дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград, од банкоматите и експозитурите на „Алта банка“ АД Битола подигнати се 2 милиони евра.

    На новинарско прашање дали Народната банка го провери потеклото на парите на сопственикот на „Алта банка“ АД Белград пред да ја купи „Стопанска банка Битола“, Славески рече дека банката имала лиценца за работа и работела во финансискиот систем на Србија.

    „Оттука, според сите супервизорски стандарди, кои ние сериозно ги проверивме, беа задоволени сите критериуми за купување на акциите“, додаде Славески.

    Сопственик на српската „Алта банка“ е Давор Мацура, кој според пишувањата на српските медиуми е близок до партијата на Александар Вучиќ, Српска напредна партија. Во октомври, на Мацура му беше забранет влез во Црна Гора. Мацура на 14 октомври беше вратен од аеродромот во Подгорица поради сомнеж дека може да ја загрози националната безбедност на земјата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира