Народниот правобранител Иџет Мемети основано се сомнева дека на затворениците во Македонија им е повредено правото на штрајк, изјавија за САКАМДАКАЖАМ од канцеларијата на Омбудсманот.
“Од вчерашните посети во затворите во Македонија Народниот правобранител констатира дека има незадоволство од одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција само на 56 политичари и нивни помошници. Затворениците се незадоволни и од одлуката на Иванов за (не)помилување на затворениците кои со потписи и петиции го побараа тоа од него. Народниот правобранител има основани сомневања дека на организиран начин на затворениците им е вршен притисок да не штрајкуваат со што им е повредено правато на штрајк”, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител Иџет Мемети.
Од овие причини, велат од тимот на Мемети, екипите на Омбудсманот во наредниот период уште поактивно ке ја следат сосотојбата во затворите и на затворениците ќе им ги појаснуваат нивните права и обврски.
Иако над 2.200 осуденици од затворите во Македонија најавија мирни протести за вчера напладне, бидејќи Иванов одбива да им ги намали казните за 30 отсто, тие, од непознати причини, не се одржаа.
Директорот на најголемиот затвор Живко Пејковски демантираше дека се вршени притисоци врз осудениците тие да не протестираат.