Преговарачката рамка треба да биде мултилатерален документ што содржи рамка за преговарање во однос на пристапување кон ЕУ како организација на држави-членки, додека билатералните прашања треба да се решаваат на билатерално ниво со државите со коишто тие постојат, кажа премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција со финската премиерка Сана Марин. Ковачевски повторно кажа дека предложената преговарачка рамка од Француското претседателство на Европскиот совет треба прво да биде одобрена од сите земји-членки на ЕУ и потоа да се достави до Македонија како земја кандидат.
„Во однос на преговарачката рамка, преговарачката рамка е мултилатерален документ што треба да биде одобрен од сите земји-членки на ЕУ и кој што потоа се доставува до земјата-кандидат. Искуството е дека овој документ треба да одразува насока и правила според кои треба да се одвива процесот на преговарање, пристапување и отварање на различни поглавја како што се оди низ процесот, со цел да се усогласи државата со вклучувањето во однос на сите аспекти на ЕУ. Со оглед на тоа дека нашиот пат кон евроинтеграциите и пред НАТО интеграцијата беа исполнети со билатерални прашања, прво со прашањето со Грција за што имаме Преспански договор и имаме втор Договор што се однесува на билатерални прашања со Бугарија и кој што е потпишан со цел билатералните прашања да се решат, ние сме на став како Влада дека преговарачката рамка треба да биде мултилатерален документ во кој што се разговара, и во кој што се става рамка за преговарање во однос на пристапување кон ЕУ како организација на држави-членки, а додека билатералните прашања треба да се решаваат на билатерално ниво со државите со кои тие постојат“, рече Ковачевски.
За протоколот кој што е споменат во предложената преговарачка рамка, Ковачевски вели дека не претставува посебен договор, туку е всушност статусот и понатамошни чекори кои треба да се преземат во однос на спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија.
„Протоколот е работа на Министерствата за надворешни работи и на експертските групи во однос на тоа до каде се стигнати со одредени прашања. Протоколот се потпишува на ниво на МНР и кажува што е постигнато досега и што е тоа што претстои во наредната фаза“, кажа Ковачевски.