НАСИЛНА ОНЛАЈН ГРУПА „764“ ПРИНУДУВА ДЕЦА ДА ПРАВАТ ИНТИМНИ ФОТОГРАФИИ И ДА СЕ САМОПОВРЕДУВААТ, МВР АПЕЛИРА ЗА ВНИМАТЕЛНОСТ

НАСИЛНА ОНЛАЈН ГРУПА „764“ ПРИНУДУВА ДЕЦА ДА ПРАВАТ ИНТИМНИ ФОТОГРАФИИ И ДА СЕ САМОПОВРЕДУВААТ, МВР АПЕЛИРА ЗА ВНИМАТЕЛНОСТОткако ќе ја стекнат нивната доверба, започнуваат со манипулации, закани и уцени, со цел да ги принудат да споделуваат интимни фотографии и видеоснимки, да се самоповредуваат, да вршат насилство врз други лица или животни, па дури и да преземаат дејствија кои можат да имаат животозагрозувачки последици.(Фото: МВР)

Насилна онлајн група под назив „764“ наведува, заплашува и принудува деца на опасни и насилни дејствија. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) апелираат до родителите, старателите, наставниците и пошироката јавност за зголемена внимателност во однос на појавата на групата „764“ чии членови таргетираат деца, малолетници и други ранливи лица.

За сериозноста на оваа појава предупредуваат и меѓународните безбедносни институции, меѓу кои и Федералното истражно биро на САД (ФБИ), кое групата „764“ ја поврзува со пошироки нихилистички насилни екстремистички заедници и сродни групи.

Групата „764“ дејствува преку различни социјални мрежи, апликации за комуникација и платформи за онлајн игри. За воспоставување контакт со потенцијалните жртви, нејзините членови користат платформи како Дискорд, Телеграм, Роблокс, Инстаграм, ТикТок, Снепчет, Редит, Икс, Маинкрафт и Фортнаит.

„Најчесто, контактот со децата и младите го воспоставуваат претставувајќи се како нивни врсници или како лица заинтересирани за пријателски или емотивен однос. Откако ќе ја стекнат нивната доверба, започнуваат со манипулации, закани и уцени, со цел да ги принудат да споделуваат интимни фотографии и видеоснимки, да се самоповредуваат, да вршат насилство врз други лица или животни, па дури и да преземаат дејствија кои можат да имаат животозагрозувачки последици. Материјалите што ги добиваат потоа ги користат како средство за дополнително заплашување, уценување и контрола врз жртвите“, соопштија од МВР.

МВР апелира родителите и старателите да обрнат особено внимание на евентуални промени во однесувањето на децата, како што се ненадејни промени во однесувањето, повлекување во себе, страв, вознемиреност или раздразливост. Зголемена таинственост при користењето на мобилниот телефон или компјутерот, интензивна комуникација со непознати лица преку социјалните мрежи и платформите за онлајн игри, примање заканувачки пораки, уцени или барања за испраќање фотографии и видеоснимки, необјаснети повреди, исеченици, гребнатини или други можни знаци на самоповредување и изразување безнадежност или разговори за смрт и самоубиство.

Од МВР велат дека сите сознанија, информации или сомнеж за активности поврзани со групата „764“ или други слични насилни онлајн групи, трева да се пријават до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи, на електронската адреса: [email protected]

„Доколку располагате со информации што можат да помогнат во постапувањето, зачувајте ги пораките, корисничките имиња, линковите и другите релевантни податоци. Не стапувајте во конфронтација со лицата кои упатуваат закани и не преземајте чекори со кои би можеле дополнително да ја загрозите безбедноста на детето. Не преземајте и не препраќајте експлицитни материјали во кои се прикажани малолетници“, додаваат од МВР.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира