НАСИЛНИЦИТЕ ГИ СТАВААТ ФАНТОМКИТЕ ПРЕД КАБИНЕТОТ НА ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ, СЕ ГЛЕДА НА СНИМКИТЕ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛ

    НАСИЛНИЦИТЕ ГИ СТАВААТ ФАНТОМКИТЕ ПРЕД КАБИНЕТОТ НА ТРАЈКО ВЕЉАНОСКИ, СЕ ГЛЕДА НА СНИМКИТЕ НА СУДЕЊЕТО ЗА 27 АПРИЛОбвинетите Владо Јовановаски и Мунир Пепиќ пред денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 (Фото: К. Попов)

    Единственото место каде што се без фантомки дел од обвинетите за организираниот напад во Собранието на 27 април 2017 е холот Длаборез, пред кабинетот на тогашниот претседавач Трајко Вељаноски, се гледа на снимките од собраниските камери на денешното продолжение на судењето. Од снимките се гледа дека по ресторанот „Дион“ во ГТЦ, следното зборно место на обвинетите насилници е вратата од кабинетот на Вељаноски.

    Никој не им кажува дека собраниските камери снимаат чисто и без прекин, па фантомките 11-темина притворени ги навлекуваат на глава точно под камерите. На снимките се гледаат јасно нивните ликови.

    Вељаноски, кој зад вратата е со Антонијо Милошоски, според снимките, не излегува од кабинетот додека на неколку чекори од него се организира нападот. Главен тука е началникот на обезбедувањето на Вељаноски, обвинетиот Горан Ѓошевски-Леви.

    Обвинителката ги нотираше речиси сите обвинети на овие снимки, освен петтемина пратеници, кои според обвинението и видеоснимките од Собранието беа долу, отвораа врати и пречекуваа и насочуваа насилници. На овие снимки ги нема Борис Дамовски и Богдан Илиевски Бетмен, а ни Владо Јовановски и Игор Дурловски, кои се долу со толпата.

    Сите останати од 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста се гледаат на денешните снимки во холот Длаборез кај Вељаноски, без Митко Чавков и Душко Лазаров од МВР.

    Во 18.50 часот повеќе луѓе се пред кабинетот на Трајко Вељаноски во холот Длаборез. Обвинетиот Иван Цветановски влегува и излегува во малиот ходник што води кон прес-салата. Тука е и обвинетата Елена Доцевска од кабинетот на Трајко.

    Прв втрчува Никола Митревски-Кољо и тука, несвесен дека е сниман од безбедносните камери, ја става црната маска. Зад него трча обвинетиот Горан Ѓошевски, началник на личното обезбедување на Трајко Вељаноски. Стефан Младеновски со бејзбол капче, Младен Додевски со качулка, Дејан Давидовски кој е во бегство, потоа Митре Питроповски без маска, Игор Југ, Вилијам Николовски и другите обвинети со маски, кои се во притвор. Толпата трча кон прес-салата, Ѓошевски откако ги испраќа насилниците, се враќа кон кабинетот на Вељаноски.

    Потоа дел се враќаат и во 19 часот, кога конечно е пробиена вратата на прес-салата, тие ги ставаат црните маски со дупки на очите и тргнуваат натаму. Внатре се пратениците од СДСМ на чело со лидерот Зоран Заев, новоизбраниот претседател на Собранието Талат Џафери, Зијадин Села кој најтешко ќе биде повреден и едвај ќе преживее, новинари и камермани.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира