Наставничка од основното училиште „Александар Македонски“ во населбата Ново Лисиче во скопската Општина Аеродром е уапсена за дилање дрога. Според информациите од Министерството за внатрешни работи (МВР), вчера вечер била спроведена акција за приведување група дилери на дрога, од која дел била и наставничката. Од МВР соопштија дека е запленета дрога вредна половина милион евра и е откриена лабораторија за производство на амфетамин во Скопје
„Вчера (16.03.2023) во Скопје од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција, СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје и со поддршка од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал лишeни се од слобода пет лица, и тоа Д. Т. (25), Е. М. (35), Ж. П. (46), С. Ч. З. (38), Б. Ф. (44), сите од Скопје. Извршени се претреси на седум локации во Скопје и при тоа била откриена лабораторија за производство на амфетамин, како и дрога со вредност од околу половина милион евра, доколку била продадена преку уличните дилери. Имено, пронајдени се синтетичка дрога амфетамин во количина од околу седум килограми, еден килограм кокаин, околу 22 килограми марихуана, околу 3000 таблети екстази, автоматска пушка калашников, 667 куршуми различен калибар, рамка за автоматска пушка, две рамки за пиштол, повеќе дигитални ваги со остатоци од амфетамин, опрема за производство на синтетичка дрога амфетамин, калапи за амфетамин, поголема количина на течност за производство на синтетичка амфетамин, евиденции, тетратки и листови со прибелешки за должници односно лица кои купувале дрога, пари за кои постојат основи на сомнение дека потекнуваат од продажба на дрога и четири патнички возила“, соопшти МВР.
Од таму појаснија дека претходно, во текот на јануари, февруари и март 2023 година, по наредба на Јавен обвинител од ОЈО Скопје, беше спроведено криминалистичко истражување на улични дилери, кои вршат продажба на амфетамин и на марихуана од Скопје при што веќе беа лишени од слобода три лица Д. Т. (33) , Д. М. (37) и Ј. С. (41) сите од Скопје кои набавувале синтетички дроги и кои се веќе кривично процесуирани. Приведените лица подолго време биле инволвирани во улична продажба на амфетамин на подрачјето на Скопје за што изнајмиле повеќе станови во центарот на Скопје, како и во населбата Ѓорче Петров, кои ги користеле како депо за чување, производство и пакување на синтетички дроги и во нив преземале мерки на заштита со инсталирање на видео надзори. Дрогата ја продавале по 2.000 денари за грам амфетамин, 3.000 денари за грам кокаин, 600 денари за таблета екстази, а пакување марихуана за 1.000 денари.
СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје денеска ќе поднесе кривична пријава за извршено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик. МВР каа дека вакви акции полицијата спроведува и во другите градови од државата. Од почетокот на оваа недела извршени се 36 претреси, приведени се 32 лица, при што запленет е амфетамин, екстази, марихуана и други видови дрога, а акцијата ќе продолжи.
Градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски на својот фејсбук профил утрово напиша дека вчера МВР привела наставник кој подолго време работи во основното училиште „Александар Македонски“.
„Процесот на социјализација и едукација на децата не смее да се поврзува или да биде обременет со било каква нелегална активност која е во спротивност со законот. Инсистирам случајот да биде расчистен во целост и во таа насока основното училиште и Општина Аеродром веќе соработуваат со надлежните институции за спроведување на законот“, вели Муцунски.
А. АНТЕВСКА