НАТЕПАНИТЕ ПРАТЕНИЦИ ЗА ПРВПАТ ПО 27 АПРИЛ ЌЕ СЕ СООЧАТ СО КОЛЕГИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ

    НАТЕПАНИТЕ ПРАТЕНИЦИ ЗА ПРВПАТ ПО 27 АПРИЛ ЌЕ СЕ СООЧАТ СО КОЛЕГИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕПратеници од мнозинстото се симнуваат од галеријата во прес салата за време на организираниот напад во Собранието на 27 април. (Фото: СДК.МК)

    По крвавата вечер на 27 април, кога голема група насилници, маскирани и откриени, упаднаа во Собранието и повредија над 100 луѓе, меѓу кои пратеници од СДСМ и од мнозинството, полицајци, граѓани и новинари, денеска пратениците се среќаваат првпат. На денешната седница за избор на нова влада, на која треба да се гласа и предлог-владината програма поднесена од мандатарот Зоран Заев, за првпат по насилствата се соочуваат повредените пратеници на чело со Заев и Зијадин Села и колегите од ВМРО-ДПМНЕ кои им отворија врата на насилниците, ги пречекаа, ги внесоа кај што треба да тепаат, ги упатија во прес-салата кај што беа пратениците од мнозинството на Заев и новинарските екипи и со дел од оние пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои пееја во пленарната сала заедно со толпата која се втурна насилно во Собранието.

    Од двата пратеника на ВМРО-ДПМНЕ кои ги бранеа Заев и неговите пратеници од линч, во Собранието остана Влатко Ѓорчев, но не и Никола Тодоров, кој помагаше во евакуацијата на пратеничките од СДСМ и спречи натамошно тепање на Заев. Тодоров вчера на својот фејсбук профил напиша дека си поднесува оставка од функцијата пратеник, дека ќе се врати на адвокатурата и оти има намера да се посвети повеќе на партиските активности.

    Претходно, МВР соопшти дека на барање на Основното јавно обвинителство идентификуваше седуммина пратеници, кои спротивно на законот, како што се виде и на снимките од безбедносните камери, ги тргнаа заштитните барикади, огради на влезните врати на собраниската зграда од предната страна и ја пуштија толпата да влезе внатре сосе насилниците.

    На снимките од собраниските камери, објавени од телевизиите „Телма“ и „Алсат М“, се гледаат пратениците: Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Илија Димовски, Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ и Љупчо Димовски од Социјалистичка партија на Македонија.

    Пред денешната седница за избор на нова влада, прва по настаните на 27 април, ниеден од овие седум пратеници, за кои ОЈО Скопје поведе предистражна постапка, не поднесе оставка на функцијата од морални причини.

    Најтешко повреден од нападнатите пратеници од мнозинството беше лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, кој едвај спаси жива глава. Според сведочењето на вработен во собраниското обезбедување кој го спасил, насилниците таа вечер Села го претепале и го оставиле целиот во крв, мислејќи дека е мртов. Собранието не работеше, освен што спикерот Џафери си ги тераше своите обврски, па така и Села, според информациите на САКАМДАКАЖАМ.МК, за првпат ќе се соочи денеска со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира