НАТО ИМА ДОВЕРБА ВО ИНСТИТУЦИИТЕ ШТО ЈА ИСТРАЖУВААТ ОДГОВОРНОСТА НА БИВШИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ ВО МАКЕДОНИЈА

    НАТО ИМА ДОВЕРБА ВО ИНСТИТУЦИИТЕ ШТО ЈА ИСТРАЖУВААТ ОДГОВОРНОСТА НА БИВШИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ ВО МАКЕДОНИЈАОд состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел, на кој имаше специјална сесија за Западен Балкан. (Фото: НАТО)

    Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО имаат доверба во институциите што ја истражуваат одговорноста на поранешните функционери во Македонија, кажа висок претставник на алијансата, одговарајќи на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали некој од министрите го спомена случајот со Никола Груевски и давањето политички азил од Унгарија на состанокот во Брисел.

    „Немаме причина да се сомневаме во владеењето на правото и дека секој осомничен или обвинет ќе добие фер третман“, кажа високиот претставник на НАТО, без да го спомене Груевски.

    Коментирајќи ја специјалната сесија на министерскиот состанок на НАТО за Западен Балкан, на кој беше и Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Федерика Могерини, високиот претставник на НАТО рече дека реформите со владеење на право во Македонија одат добро и дека треба отчетност во правосудство за да се врати довербата на луѓето кон правниот систем.

    Тој вели дека НАТО очекува до средината на јануари да бидат поминати уставните измени во парламентот по што ќе се потпише протокол за пристапување протокол некаде во февруари, а до 2020 година Македонија би станала полноправна членка.

    Во меѓувреме, македонската влада мора да поднесе програма за продолжување на реформите во три области, вели високиот претставник на НАТО. Првата област е владеење на правото за да се добие слободен и целосно функционирачки судски систем. Втората област се разузнавачките и безбедносните служби со гаранција дека законите што ќе ги донесе парламентот од таа област ќе бидат имплементирани како што треба.

    И третата област е одбраната за армијата да биде во согласност со НАТО стандардите.

    На специјалната седница за Западен Балкан, Македонија доби силна поддршка од грчкиот министер, кој ја поздрави храброста на властите да продолжат со целосна имплементација на Преспанскиот договор.

    Г. МИХАЈЛОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира