НЕ ДОЦНИ ЗАКОНОТ ЗА СУБВЕНЦИИ НА КОМПАНИИТЕ, ТОЈ Е ВО РАЦЕ НА ПРАТЕНИЦИТЕ, КАЖА ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВ

    НЕ ДОЦНИ ЗАКОНОТ ЗА СУБВЕНЦИИ НА КОМПАНИИТЕ, ТОЈ Е ВО РАЦЕ НА ПРАТЕНИЦИТЕ, КАЖА ВИЦЕПРЕМИЕРОТ АНЃУШЕВ„За државна помош ќе може да конкурираат компаниите кои на нововработените им поделиле плата повисока од 18.000 денари“, кажа вицепремиерот Кочо Анѓушев (Фото: Влада)

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека не доцнат со носење на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој од денес е јавно достапен на Единствен национален регистар на прописи (ЕНЕР). По забелешките од бизнис заедницата дека доцни носењето на законот со кој ќе се регулираат критериумите по кои ќе се доделува државна помош за нови инвестиции, бидејќи според најавите од Владата апликациите за помош ќе треба да се поднесуваат во текот на март и април, Анѓушев рече дека со објавување на текстот на предлог-законот на ЕНЕР тој веќе е во рацете на Собранието и дека очекува пратениците да најдат консензус по ова прашање и да го донесат во предвидениот рок.

    „Мерките за државна помош функционираат така компаниите да можат да аплицираат по предавањето на завршните сметки од претходната година. Завршните сметки за 2017 година тие ги предаваат до крајот на февруари и има доволно време за да аплицираат во март и април. Законот не доцни, туку е точно на време“, кажа Анѓушев.

    Тој појасни дека според постоечкиот Закон за државна помош, Владата може да склучува договори со компаниите и да им даде субвенции, но дека единствен проблем досега бил што во постоечкиот закон не било дефинирано по кои критериуми се доделува оваа помош. Според него со новото законско решение точно ќе се дефинираат критериумите која компанија може да очекува државна помош, а најважните меѓу нив се да покаже раст на приходите за претходната година и дека го зголемиле бројот на вработени.

    „За два месеци од објавување на економскиот план склучивме осум договори со странски компании и тоа се нови инвестиции, а висината на новите инвестиции е околу 73,5 милиони евра и над 1.000 нови вработувања. Овие договори се склучени по стариот закон за државна помош, но применети се новите критериуми за нејзино доделување. Критериумот по кој ќе се делат субвенциите веќе нема да бидат тајна, ниту пак да зависат од волјата на министерот или на Владата, како што работела претходната Влада“, кажа Анѓушев.

    Владата потпишала договор за нови инвестиции со компаниите: Кеслер, Доган Ото Мотив, Саган, Мурат Вајоминг Систем, Чамданг Лајтинг, Чагата и Кабло, Вик и Костал.

    Тој рече дека наследиле состојба во која слободните економски зони не биле доградени, односно во сите фали дел од инфраструктурата, дали пат или довод и одвод на вода и дека сите ќе ги доградат.

    „За прв пат под исти критериуми и домашните компании може да конкурираат за помош“, кажа Анѓушев.

    Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека со новиот закон за финансиска поддршка на инвестициите практично се даваат критериумите за државна помош според првите два столба од економскиот план на Владата, односно за нови вработувања, соработка со добавувачи, технолошки развој и поддршка на компаниите да излезат на нови пазари и да ја зголемат конкурентноста.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари