НЕ ДОЗВОЛУВАМ ДА СЕ ВАЛКА УГЛЕДОТ И СТРУЧНОСТА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ, МУ ОДГОВОРИ ФИЛИПЧЕ НА ЗИБЕРИ

    НЕ ДОЗВОЛУВАМ ДА СЕ ВАЛКА УГЛЕДОТ И СТРУЧНОСТА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ, МУ ОДГОВОРИ ФИЛИПЧЕ НА ЗИБЕРИДиректорот на Центар за јавно здравје Скопје Арбен Зибери, во објава на Фејсбук, кажа дека како кандидат за пратеник има право да изразува политички ставови на својот личен профил. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека негова должност како министер меѓу другото е да го штити угледот на колегите од Комисијата за заразни болести и нивните стручни одлуки, откако директорот на Центар за јавно здравје Скопје Арбен Зибери го обвини за политички маркетинг за најавата за негово разрешување.

    Филипче на денешната прес-конференција во Влада најави дека Зибери ќе биде разрешен поради неговаа изјава дека тој како член на комисијата помогнал да се отворат границите без протоколи за да дојдат иселениците да гласаат за премиер Албанец. По пресот на Филипче, следуваше објава на Зибери на Фејсбук со обвинување дека Филипче го користи владиниот микрофон за изборни потреби. Пред малку, Филипче, исто така на Фејсбук, му одговори на Зибери:

    „Tоа што сте во изборна кампања не ви дава за право да изнесувате невистини и да ја поткопувате работата и одлуките на Комисијата за заразни болести. Четири месеци градиме доверба и работиме транспарентно. Во ниеден момент не донесовме политички мотивирани одлуки и ова вие добро го знаете. Вашата изјава е неточна, штетна и пред сѐ неколегијална, што исклучително ме загрижува. Моја должност како министер меѓу другото е да го штитам угледот на колегите од комисијата и нивните стручни одлуки. Верувам дека разбирате каква штета нанесувате во овие чувствителни моменти кога заеднички се бориме за иста цел. Го ценам придонесот на сите кои се борат со епидемијата, вклучително и вашиот, но нема да дозволам политичко поентирање на сметка на епидемијата“.

    Зибери, кој е втор на листата на ДУИ во првата изборна единица, во објавата на Фејсбук, кажа и дека како кандидат за пратеник има право да изразува политички ставови на својот личен профил.

    Премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција вчера рече дека отворањето на границите од утре (петок) без никакво ограничување и почнување со работа на аеродромите идната среда не е политичка одлука донесена во пресрет на изборите, туку е донесена по анализите и препораките на Комисијата за заразни болести.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира