ПОМОГНАВ ВО КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ДА СЕ ОТВОРАТ ГРАНИЦИТЕ ЗА ДА ДОЈДАТ ГЛАСАЧИТЕ НА ДУИ, СЕ ПОФАЛИ ЗИБЕРИ ОД ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    ПОМОГНАВ ВО КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ДА СЕ ОТВОРАТ ГРАНИЦИТЕ ЗА ДА ДОЈДАТ ГЛАСАЧИТЕ НА ДУИ, СЕ ПОФАЛИ ЗИБЕРИ ОД ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕДиректорот на Центар за јавно здравје Скопје Арбен Зибери на средба со граѓани во предизборната кампања на ДУИ. (Фото: Фејсбук)

    Директорот на Центарот за јавно здравје Арбен Зибери ги повика иселениците да дојдат да гласаат за Албанец премиер на изборите на 15 јули и се пофали дека тој како член на Комисијата за заразни болести помогнал да се отворат границите без протоколите препорачани од Светската здравствена организација. Зибери е втор на листата на кандидати за пратеници на ДУИ во првата изборна единица и роднина  на Насер Зибери, кандидатот на ДУИ за премиер. Тој на Фејсбук напиша и дека укинувањето на тестирањето и 14-дневната изолација за иселениците е направено благодарение на придонесот на ДУИ во здравствените политики на владата.

    „Добредојдовте иселеници. Родното место ве чека. Сега можете да си дојдете дома без тестови и 14-дневна изолација, благодарение на нашиот придонес во здравствените политики на владата. Јас како член на Комисијата за заразни болести и другите членови помогнавме да се отворат границите и луѓето да се движат слободно без протоколите препорачани од СЗО. Зошто да не, дојдете дома за Албанец премиер“, вели Зибери.

    Иако за себе пишува дека е член на Комисијата за заразни болести, неговото име не е на официјалниот список со членови на Комисијата, објавен на владиниот веб сајт коронавирус.гов.мк.

    Вицепремиерот Бујар Османи претходно на Фејсбук напиша дека е време да се отвораат аеродромите и границите без никакви ограничувања.

    Премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција вчера рече дека отворањето на границите од утре (петок) без никакво ограничување и почнување со работа на аеродромите идната среда не е политичка одлука донесена во пресрет на изборите, туку е донесена по анализите и препораките на Комисијата за заразни болести.

    М. ИЛИОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари