НЕ Е ЗАКОНСКИ ПРЕТРЕСОТ ВО ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЉУБОМИР ЈОВЕСКИ

    НЕ Е ЗАКОНСКИ ПРЕТРЕСОТ ВО ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЉУБОМИР ЈОВЕСКИПо пријавата од страна на директорот Муареми, надзорот во ОЈО за организиран криминал го извршиле од двајца јавни обвинители, определени со годишниот распоред за надзор над работата на Обвинителството. - Љубомир Јовески; Вилма Русковска; Арафат Муареми (Фото: СДК.МК)

    Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска дала наредба за незаконски претрес во Управата за финансиска полиција, давајќи му претходно погрешни информации на судијата на претходна постапка за да ја обезбеди наредбата, утврдил државниот обвинител Љубомир Јовески, откако директорот на Управата Арафат Муареми ја пријави кај него.

    Првин Јовески во поширокото образложение објавено утринава, забележува дека спротивно на законот, место на одделот за гонење на лица со полициски овластувања (кај што се обвинителите Лиле Стефанова, Артан Ајро и други), таа случајот го доделила на обвинители надвор од овој оддел, неовластени да постапуваат пред финансиските полицајци.

    По пријавата од страна на директорот Муареми, надзорот во ОЈО за организиран криминал го извршиле од двајца јавни обвинители, определени со годишниот распоред за надзор над работата на Обвинителството. Тие изготвиле службена белешка за увидот во постапувањето во предметот и ја доставиле до Јавниот обвинител на Македонија Јовески.

    „При вршењето на надзорот, јавните обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале во предметот беа задолжени да изготват информација за наводите во претставката. Меѓутоа, само еден од јавните обвинители постапи по задолжението и ја достави бараната информација. Одбивањето да се даде бараната информација за да се утврдат фактите за постапувањето по конкретниот предмет, го поткрепува сомнежот за недоследности во постапувањето”, вели Јовески.

    Со надзорот во предметот било утврдено дека ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција примило анонимна кривична пријава на 3.5.2022 година, а на 18.7.2022 година подготвило барање за издавање наредба за претрес. Барањето истиот ден било доставено до Основниот кривичен суд Скопје.

    „Во согласност со утврдената состојба, Јавниот обвинител на РСМ даде укажување до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција во кое се наведуваат констатираните неправилности во постапувањето во конкретниот предмет. При заведувањето на оформениот предмет нарушена е хоризонталната надлежност и организацијата на Јавното обвинителство. Кривичната пријава се однесува на лица од Управата за финансиска полиција, кои согласно чл.33 ст.2 од Законот за јавното обвинителство имаат полициски овластувања, а по таквите пријави надлежно е да постапува Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Според тоа, тројцата јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале по овој предмет, а не се дел од Специјализираното одделение, ненадлежно постапувале по кривичната пријава. Јавниот обвинител укажува дека предметот треба да се заведе во соодветен уписник и согласно распоредот да се додели на јавен обвинител кој е распореден во Специјализираното одделение”, се наведува во соопштението од неговата канцеларија.​

    Исто така, укажано е дека во образложението на барањето, на Судот погрешно му се даваат податоци дека Обвинителство има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, а во списите од предметот имало само анонимна кривична пријава.

    „Анонимната кривична пријава и конкретните наводи во неа, непоткрепени со ниту еден доказ или со други средства, можат да бидат повод за поведување кривична постапка, но таа не обезбедува определен степен на веројатност дека ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети важни за кривичната постапка за да има основи за барање на претрес на простории на државен орган и претрес на лице”, наведува Јовески уште една повреда на постапката.

    Покрај тоа, во образложението на барањето за издавање на наредба за претрес било наведено дека во предметот се води предистражна постапка, а при увидот било констатирано дека во списите постои само барање за претрес и писмо, кои биле први дејствија преземени во постапката по анонимната кривична пријава.

    „Исто така, укажано е дека од содржината и наводите во кривичната пријава не произлегуваат дејствија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание по чл.359 ст.7 вв со ст.3 вв со ст.2 од Кривичниот законик. При постапувањето по пријавата, за исти дејствија доставено е и писмено барање до Управата за финансиска полиција за да ги достави истите списи, кои исто така се бараат да се обезбедат со претресот”, стои во соопштението.

    Јовески ја задолжува Русковска целосно да го испита постапувањето по овој предмет, да ја утврди фактичката состојба и сите релевантни околности, пропустите во постапувањето и фактите за евентуална одговорност и за тоа да достави информација до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

    Укажувањето има за цел да се отстранат сите неправилности по предметот и во иднина да не се дозволат пропусти во постапувањето, вели Јовески.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира