НЕ ИМ ДАДОВ КОПИЈА ОД РАЗГОВОРИТЕ НА РОДИТЕЛИТЕ, НЕ ЗНАЕВ ДАЛИ СЕ НЕЛЕГАЛНО СНИМЕНИ ИЛИ СЕ ОД ПИ-МЕРКИ, СВЕДОЧИ ЗАЕВ НА „МОНСТРУМ“

    НЕ ИМ ДАДОВ КОПИЈА ОД РАЗГОВОРИТЕ НА РОДИТЕЛИТЕ, НЕ ЗНАЕВ ДАЛИ СЕ НЕЛЕГАЛНО СНИМЕНИ ИЛИ СЕ ОД ПИ-МЕРКИ, СВЕДОЧИ ЗАЕВ НА „МОНСТРУМ“Лидерот на СДСМ Зоран Заев пристигнува во Кривичниот суд да сведочи на „Монструм“ (Фото: К. Попов)

    Сè што поседувал како аудио разговори, транскрипти и смс пораки во врска со петкратното убиство кај Смиљковско езеро во април 2012 година, Зоран Заев, како лидер на СДСМ ги предал во СЈО на крајот на 2015 година.

    „Дел од тие разговори ги имав слушано и ги споделив со јавноста, но тоа беше сосема мал дел“, одговори Заев првин на прашање на судијата Огнен Ставрев.

    На прашање на обвинителката Фатиме Фетаи кој вршел проценки што е важно во еден прислушуван разговор за овој трагичен настан, Заев кажа дека преслушувањето на снимките го вршел лично тој и одлуките исто така.

    „Видов разговори во форма на транскрипти што ги поседуваше тогаш СДСМ. Имаше во нив имиња и презимиња од првостепено осудените лица во ’Монструм‘. Селекција не може никој да направи, зашто докрај не може да се знае што од тоа се докази, што не. Но, кога ќе видите разговори меѓу Фејзи Азири и друго лице, знаете дека тоа е осудено лице за убиствата. Исто и за другите осудени. Имав увид за комуникација меѓу лица осудени за убиството“, одговори Заев како ја направил селекцијата на бомбите за „Монструм“.

    Сведокот Заев рече дека имал повеќе средби со родителите. Сакале повеќе информации што се случило, дали има информации во бомбите што ги поседува СДСМ.

    „На една од средбите родителите изразија сомневање дека институциите на системот кријат од нив информации. Се работеше за околу 5 комуникации на тогаш осудени лица, каде едниот од соговорниците беше сокриен од страна на судот или обвинителството, заради службена тајна. Јас ги извадив истите комуникации и им ги презентирав на родителите да ги видат во мое присуство, без да им дадам копија. Не знаев дали се нелегални разговори, или комуникација од посебни истражни мерки. За вторите, бев советуван дека постои можност кривично да се одговара ако јавно се објават ПИ-мерки кои се службена тајна“, одговори Заев.

    Фетаи го праша Заев дали освен тоа дека ќе ги предаде сите разговори во СЈО, на родителите им ветил и нешто друго.

    Заев кажа дека во 2015 година кога на дневна основа ги преслушувал разговорите, можно е да ветил дека ќе ги објави јавно сите прислушувани разговори за „Монструм“. Како економист, а не правник, не можел сам да состави целовитост за тоа што всушност се случило кај Смиљковско езеро, па затоа одлучил сѐ што има како материјал во бомбите, да му предаде на СЈО.

    „Сите разговори што сте ги предале господине Заев, ние ги предадовме во Основниот суд Скопје 1“, рече Фетаи.

    Потоа го потсети на изјави кои ги дал во 2015 година дека јавноста ќе знае за вистината, за тоа што СДСМ го има за убиството на 4 -те момчиња и рибарот.

    „За вистината, постојат ноторни докази и комуникации поврзани со овој случај, комуникации меѓу обвинетите и меѓу носители на извршна и локална власт. Тие разговори заслужија да бидат истражени од независна институција, како тогашното СЈО“, рече Заев.

    Заев видел дека луѓе биле прислушувани уште пред да биде дадена судска наредба за тоа и има сведоци кои треба да бидат заштитени, за да се потврди докрај вината за виновните и да се ослободат ако има невини.

    Следуваат прашања за Заев од родителите на убиените момчиња и од нивната адвокатка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари