НЕ ИМ МЕНУВА НА ПРЕЛЕЖАНИТЕ ДАЛИ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПО ЕДЕН ИЛИ ПО ШЕСТ МЕСЕЦИ, НО МЕНУВА ЗА КОЛЕКТИВНИОТ ИМУНИТЕТ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ЗА МЕРКАТА СО 45 ДЕНА

    НЕ ИМ МЕНУВА НА ПРЕЛЕЖАНИТЕ ДАЛИ ЌЕ СЕ ВАКЦИНИРААТ ПО ЕДЕН ИЛИ ПО ШЕСТ МЕСЕЦИ, НО МЕНУВА ЗА КОЛЕКТИВНИОТ ИМУНИТЕТ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ ЗА МЕРКАТА СО 45 ДЕНАФилипче вели дека битно е граѓаните да се вакцинираат за што пократко време да се подигне степенот на вакцинација и да се постигне колективен имунитет заради тоа што вакциналниот имунитет е траен. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека граѓаните мора да знаат додека сите не се вакцинираме, пандемијата на ковид-19 нема да престане, одговарајќи на новинарско прашање за препораката за вакцинација 45 дена по прележувањето. Според најновите мерки на Владата, прележаните можат да влегуваат во затворени објекти и угостителски објекти и настани на отворено до 45 дена од прележувањето на ковид-19, а потоа само со вакцина.

    Како што кажа Филипче, нема разлика за пациентот кој се опоравува дали ќе се вакцинира по еден или по шест месеци, но има разлика за колективниот имунитет, бидејќи вакциналниот имунитет е траен, а природниот се намалува.

    „Има јасни препораки дека природниот имунитет по прележување на болеста со тек на време се намалува, а вакциналниот е потраен. Тоа го укажува американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ), тоа го укажува Светската здравствена организација. Според препораките на ЦДЦ, дури и десет дена после тестирање кај асимптоматски случаи се препорачува вакцинација. Точно е дека има студии кои констатираат дека граѓаните имаат имунитет и после 5-6, па и 8 месеци по прележувањето на болеста, меѓутоа природниот имунитет се намалува. Битно е граѓаните да се вакцинираат за што пократко време да се подигне степенот на вакцинација и да се постигне колективен имунитет заради тоа што вакциналниот имунитет е траен. Сакајќи да спречиме следни бранови, зошто да чекаме, мораме ова да го прекинеме. Тоа е логиката за овие 45 дена“, изјави Филипче на денешната прес-конференција пред Министерството за здравство.

    „Нема разлика за пациентот кој се опоравува дали ќе се вакцинира по еден или по шест месеци, за него нема никаква разлика, но има разлика за колективниот имунитет. Нема зијан или контраиндикација да се вакцинира порано. Не секој развива ист имунитет после прележувањето. Точно е дека има пациенти кои имаат голема количина антитела, ама докажано е дека вакциналниот имунитет е трајниот“, додаде Филипче.

    Прашан зошто Владата не прифаќа да може да се влегува во угостителски објекти и трговски центри со негативен ПЦР тест, Филипче кажа дека целта е да се подигне степенот на вакцинацијата, а и според него нема логика граѓаните да се изложуваат на трошоци, бидејќи ќе треба секој ден да прават ПЦР тестови.

    М. ИЛИОСКИ


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира