Премиерот Зоран Заев ја повика ВМРО-ДПМНЕ да го поздрави добивањето покана од НАТО и да престане да сее омраза помеѓу граѓаните.
„Ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да честита и да не врши притисок врз граѓаните и врз музичарите кои се професионално ангажирани за прославата по повод добивање покана од НАТО“, кажа Заев, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето договор со американската компанија „Теламон“ за инвестиција во ТИРЗ.
На прашање колку пари ќе чини утрешната прослава во 15 града, Заев рече дека кога ќе биде завршена целата финансиска конструкција, Службата за општи и заеднички работи ќе ја соопшти сумата. Тој рече дека Владата и делумно локалната самоуправа ја финансираат прославата.
Заев очекува деновиве да завршат со активностите меѓупартиските работните групи на власта и опозицијата околу претстојниот референдум. Ако не успеат работните групи да се договорат, Заец вели дека може на лидерска среда да се дефинираат сите детали.
„Формирањето на ДИК не треба да биде поврзано со референдумот. Од претходно сме договорени за тоа со опозицијата. Власта да има мнозинство, а опозицијата да има претседател на ДИК. До крајот на јули очекувам да седнеме со опозицијата и да разговараме за денот на одржување на рефеreндумот, да го дефинираме прашањето и карактерот на референдумот“, рече Заев.
За барањата на ВМРО-ДПМНЕ да се донесат Законот за финансирање на партиите и измени на Законот за влада, Заев рече дека прифатено е решението од ВМРО-ДПМНЕ 100 дена пред изборите премиерот да се повлече. За другите барања, како тоа да се избере техничка влада и дополнителни министри со право на вето, Заев вели дека тие не соодветствуваат на сегашната ситуација.
„Македонија тогаш беше во криза. Ние ветивме тогаш, ако се формира таква пржинска влада, дека ќе прекинеме со објавување на прислушуваните разговори и ќе ги доставиме до СЈО. Тоа и го направиме, сега нема потреба за таква работа“, рече Заев.
Г. ТРПЕНОСКИ