НЕ ЛЕКУВААТ КОВИД ПАЦИЕНТИ, А СОЛАТ ПАМЕТ НА ТЕЛЕВИЗИЈА, ЛЕКАРСКАТА КОМОРА РЕАГИРА НА НАСТАПИТЕ НА НЕКОИ ДОКТОРИ ПО МЕДИУМИ

    НЕ ЛЕКУВААТ КОВИД ПАЦИЕНТИ, А СОЛАТ ПАМЕТ НА ТЕЛЕВИЗИЈА, ЛЕКАРСКАТА КОМОРА РЕАГИРА НА НАСТАПИТЕ НА НЕКОИ ДОКТОРИ ПО МЕДИУМИПолиција пред болницата „8 Септември“ откако на 30 јуни беше нападната докторка од роднини на починат пациент. (Фото: СДК.МК)

    Лекарската комора предупредува дека индивидуалните и неаргументирани тврдења за ковид-19 на доктори и здравствени работници населението може да ги сфати сериозно, а со употребата на термини како „грешки во лекување” се нанесува директна штета на угледот на целата лекарска фела и се создава страв и недоверба кај граѓаните во здравствениот систем и здравствените работници.

    Оттаму додаваат дека ваквите ставови можат да влијаат врз одлуката на пациентите да не побараат медицинска помош и со тоа директно да го загрозат своето здравје, но и да поттикнат вербални и физички напади врз здравствените работници.

    „Лекарската комора најостро реагира на тоа што во последно време сè почесто во средствата за јавно информирање се публикуваат написи, коментари, изјави и интервјуа на доктори чиишто ставови не се базирани на медицински докази или на лично искуство и директна работа со ковид пациенти. Со ова целосно се девалвира трудот на докторите кои се вклучени во лекувањето на заболените со ковид-19“, велат од Лекарската комора.

    Затоа, Лекарската комора апелира до докторите и здравствените работници кои настапуваат во јавност, тоа да го прават со сериозен и стручен пристап, со точни информации и научни доктрини, аргументирани и поткрепени со докази.

    „Докторите и здравствените работници не смеат да заборават дека нивната улога во справувањето со пандемијата е клучна, а секој поединец треба да даде придонес и поддршка на своите колеги кои работат со пациентите со ковид -19. Голем број здравствени работници дури и доброволно се вклучија во борбата со ковид -19 и сé уште се во жариштата на епидемијата во земјава, а борбата со вирусот и натаму ни претстои, до пронаоѓање на вакцина или лек“, велат од Лекарската комора.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира