НЕ МЕ ПРАТИ МИЦКОСКИ, САМА СИ ДОЈДОВ, СЕКАКО НЕ МУ ГО ПОДДРЖУВАМ ПРЕДЛОГОТ ЗА МНОЗИНСКИ ИЗБОРЕН МОДЕЛ, РЕЧЕ РАНГЕЛОВА ОД ВМРО-ДПМНЕ

    НЕ МЕ ПРАТИ МИЦКОСКИ, САМА СИ ДОЈДОВ, СЕКАКО НЕ МУ ГО ПОДДРЖУВАМ ПРЕДЛОГОТ ЗА МНОЗИНСКИ ИЗБОРЕН МОДЕЛ, РЕЧЕ РАНГЕЛОВА ОД ВМРО-ДПМНЕВеднаш штом Рангелова влегла на денешната тркалезна маса во уставната сала на Собранието,протоколот ја пресретнал: „Вие сте претставник на Мицкоски?“. (Фото:СДК.МК)

    Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова ги искара малите партии дека приредуваат фарса, бидејќи бараат да се смени изборниот модел во една изборна единица, ама не за парламентарните на пролет, туку за следните, локални избори.

    „И вие калкулирате, убаво ви е кога ви е загарантирано топлото коалициско столче. Му се додворувате на премиерот Заев. Да беше сега тука Мицкоски со малите партии, ќе кажеа браво Мицкоски, мнозинскиот систем е најдобар што вие го предлагате.Сега е време, а не за локалните избори. Веднаш треба да го отвориме Изборниот законик и да се видиме на дебата во Собранието. Во спротивно, ова е фарса и благодарам, другпат не доаѓам“, им кажа Рангелова на малите партии застапени со по еден-двајца пратеници во Собранието, од кои тргна Иницијативата за една изборна единица.

    Таа кажа дека веднаш штом влегла на денешната тркалезна маса во уставната сала на Собранието,протоколот  ја пресретнал: „Вие сте претставник на Мицкоски?“

    „Не, не ме прати Мицкоски, сама дојдов. Доказ за тоа е што јас нема да го поддржам неговиот предлог за воведување мнозински изборен модел. Сакам да кажам нешто во однос на големите партии кои се претставуваат демократски. Граѓаните се изморија од двопартискиот систем. Видете ги анкетите, 40 отсто од граѓаните не сакаат да излезат да гласаат“, рече Рангелова.

    Тоа ја мотивираше пратеничката Владанка Авировиќ која ги повика пратениците од малите партии кои воедно се и иницијатори за воведување една изборна единица и отворени кандидатски листи, да го бојкотираат гласањето на другите измени на Изборниот законик, кои големите партии во моментов си ги договараат без нив.

    На крајот пратеничката од ДОМ Лилјана Поповска соопшти дека иницијативата, зад која од големите партии денеска застана само лидерот на СДСМ Зоран Заев, ќе се преточи во предлог закон, за да се стаса за предвремените парламентарни избори. Заедно со оваа промена, ќе стои и 50 отсто од кандидатите за пратеници или советнци, да бидат жени.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари