Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, обвинет во „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство за четири кривични дела, на денешната жалбена постапка во Апелациониот суд Скопје ги негираше тврдењата на СЈО дека ја опструирал постапката што ја води.
„Ветувам ќе доаѓам во судот и не ми паѓа на памет да бегам, ниту влијаам на сведоците“, кажа Јанакиески.
СЈО останува на барањето за притвор поради несоработка со обвинителството, но и поради тоа што е на висока позиција во ВМРО-ДПМНЕ, каде што се и останатите обвинети членови на злосторничкото здружение.
Оттаму, смета обвинителот од СЈО Бурим Рустеми, постои опасност за влијание врз сведоците да ги сменат исказите што ги дале во истрагата. Јанакиески е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања, злоупотреба на службената положба и овластувањата и за повреда на слободата на определување на избирачите.
С. К. ДЕЛЕВСКА