НЕ МОЖЕ ДА ЈА ДРЖАТ ВЛАСТА САМО ЗАТОА ШТО СЕ ПЛАШАТ ОД ИСТРАГИ, ПОРАЧА ГЕРМАНИЈА ВО ТРЕТА ИЗЈАВА ЗА ДВА ДЕНА

се надеваме дека нема да мораме да ги ставиме во сила сите мерки кои ни стојат на располагање. Имаше избори и оние што ги загубија ќе морат да си заминат.

    НЕ МОЖЕ ДА ЈА ДРЖАТ ВЛАСТА САМО ЗАТОА ШТО СЕ ПЛАШАТ ОД ИСТРАГИ, ПОРАЧА ГЕРМАНИЈА ВО ТРЕТА ИЗЈАВА ЗА ДВА ДЕНАОние политички сили во Македонија кои не сакаат да се одвојат од своите функции и покрај тоа што ги загубија изборите не смеат да ѝ го блокираат патот на земјата кон ЕУ, Зигмар Габриел за време на состанокот на Малта (Фото: АП)

    Недозволиво е некој да ја задржува власта само затоа што има страв од истрагата на Специјалното јавно обвинителство за она што го правела владата, изјави германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел за време на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на Малта.

    Габриел три пати за два дена се јави со изјави за Македонија. Дојче Веле на македонски јазик јавува дека тој рекол: „Она што вчеравечер го направија поранешната владејачка партија и нејзините поддржувачи, не само што е неприфатливо, туку и директно ја затвора вратата на ЕУ, доколку продолжи така“.

    На истиот настан е и пратеникот Никола Попоски, во улога на министер за надворешни работи на Македонија во техничката влада.

    „Отворени сме за македонските граѓани затоа што многумина во Македонија сакаат кај нас. Но не може да се прифати блокада на демократски избор. Да се блокира нечиј избор за претседател на Собранието поради неговата етничка припадност?! Да се упадне во парламентот и да се нападне опозицијата, луѓето да се здобијат со телесни повреди во парламентот?! Тоа е незамисливо за нас. Сега мора да се избере нова влада во Македонија која по изборите доби мнозинство. Тоа е нормалниот пат. И мора да се стори сѐ, за парламентот да работи слободно“, изјави Габриел.

    Тој ги предупреди оние политички сили во Македонија кои не сакаат да се одвојат од своите функции и покрај тоа што ги загубија изборите, дека не смеат да ѝ го блокираат патот на земјата кон ЕУ.

    На прашањето какви мерки за притисок и се на располагање на ЕУ за да влијае врз состојбата, Габриел вели дека постои цела лепеза на мерки, но засега се ограничуваат на испраќање сигнали.

    „Засега испраќаме јасни сигнали и се надеваме дека нема да мораме да ги ставиме во сила сите мерки кои ни стојат на располагање. Се надеваме дека ќе надвладее разумот. Имаше избори и оние што ги загубија ќе морат да си заминат. Но недозволиво е некој да ја задржува власта само затоа што има страв од истрагата на Специјалното јавно обвинителство за она што го правела владата. Тоа не е можно. Тоа е во спротивност од она што го бараме во Европа“, вели Габриел.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира