Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска во Штип најави дека ќе го смени директорот на Студентскиот дом „Пелагонија“ Агим Фејзулаху во Скопје оти не си ја извршува својата функција.
На новинарско прашање за лошата состојба во Студентскиот дом „Пелагонија“, на која се жалат студентите и дали ќе има интервенции во него, Јаневска кажа дека ќе има интервенции.
„Мора да има. Значи слушам различни шпекулации. Директорот на Студентскиот дом не си ја извршува својата функција и затоа ќе мора да преземеме чекори, во најблиска иднина побараме и поставиме нов директор. Да, студентите се жалат дека нема топла вода, храната е на навистина ниско ниво и не можеме да дозволиме неодговорни луѓе и понатаму да си играат со судбината на студентите. Младите се исклучително важни за оваа држава. Ние обезбедуваме средства од буџетот, од граѓаните и секој раководител мора сериозно да си ја сфати работата“, рече министерката додавајќи дека овој проблем со „Пелагонија“ ќе се реши најдоцна за два до три дена.
При посетата на штипската Гимназија „Славчо Стојменски“ министерката кажа дека во буџетот за 2025 има околу 30 милиони евра или 18 отсто повеќе средства за студентскиот стандард во споредба со оваа година и дека е планирано зголемувањето на средствата за студентскиот оброк.
„Но, сѐ уште разговараме со студентите, затоа што тие имаат некоја поинаква идеја. Сметаат дека за 140 денари можат да добијат во одредени маркети, одредени ресторани комплетен оброк, а дека би можело да се прошири опсегот, на пример и студенти кои работат ‘парт тајм’, а се уште непостигнале одредена сума на средства би можеле и тие. Значи до крајот на годината, тоа ние ќе го дефинираме и веднаш ќе се знае во јануари, дали ќе добијат 160 денари студентски оброк или ќе биде проширен опсегот“, рече Јаневска.