Со многу тешкотии и изгубено време некако почна судскиот процес „Талир 1“ на СЈО за незаконското финансирање со 4.6 милиони евра на ВМРО-ДПМНЕ, но вториот дел, „Талир 2“, денеска воопшто не почна. Судијката Даниела Алексовска-Стојановска го одложи првото рочиште за предметот „Талир 2“ зашто не дојдоа ниту адвокатите на Никола Груевски и на Кирил Божиновски, а не дојде ни обвинетиот Божиновски.
Адвокатите го известиле судот дека се спречени да присуствуваат на рочиштето поради присуство на друго рочиште, а некои биле во странство. На судењето немаше присутен ниту обвинител од СЈО.
Алексовска-Стојановска следното рочиште го закажа за 19 септември.
Во „Талир 2“ се обвинети Никола Груевски, кој е во бегство и има азил во Унгарија, и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски. Обвинети се дека злоупотребувајќи ја службената положба, овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
Пред судот веќе се води постапка за предметот „Талир 1“ за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Според обвиненителниот акт од СЈО, обвинетите во „Талир“ незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на разни луѓе.
С. К. ДЕЛЕВСКА