Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не чувствува одговорност и нема намера да поднесе оставка за бегството на обвинетиот Сашо Мијалков. На денешната прес-конференција, тој кажа дека полицијата веднаш постапувала по известувањата од обвинителството и повтори дека надлежност на полицијата е само да извршува одлуки од обвинителството и судот.
„Личната одговорност треба да се понесе за тоа што имате одговорност. Сега е момент во кој треба да ги насочиме сите сили да го најдеме бегалецот. Поднесувањето оставка е бегање од одговорност и триумф на криминалците“, рече Спасовски.
Спасовски кажа дека единствен надлежен за поднесување какво било барање до судот за мерки на претпазливост е обвинителството. Тој рече дека службите во МВР подготвиле известување кое го доставиле до обвинителите Љубомир Јовески, Вилма Русковска, Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов и праша зошто тие чекале од 23 часот во саботата да бараат притвор дури во недела во 14.30 часот.
Одговарајќи на новинарско прашање дали се сомнева дека има крт во МВР, Спасовски кажа дека се сомнева во крт во „институциите кои беа долги години под режимот и низ кои поминуваат овие одлуки и има можност да протекуваат информациите“.
„Сè уште постојат таквите остатоци од режимот во тие институции“, кажа Спасовски, мислејќи веројатно на судот и обвинителството.
Спасовски кажа и дека верува дека Мијалков сè уште е во државата, но не знае каде точно.