НЕ СЕ ПЛАНИРА ВРАЌАЊЕ НА РЕСТРИКТИВНИТЕ МЕРКИ ЗА КОВИД-19, НО НЕ Е ИСКЛУЧЕНО, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    НЕ СЕ ПЛАНИРА ВРАЌАЊЕ НА РЕСТРИКТИВНИТЕ МЕРКИ ЗА КОВИД-19, НО НЕ Е ИСКЛУЧЕНО, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕМинистерот Филипче кажа дека овој бран почна од моментот кога имаше мерки и секое ново олабавување ќе значи нов бран.-Граѓани ја минуваат македонско-српската граница. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека засега не се планира враќање на рестриктивните мерки бидејќи овој бран на заболени од КОВИД-19 настанал кога тие биле на сила. За ова прашање било дискутирано и на состанкот на Комисијата за заразни болести и на Кризниот штаб на Владата и сега засега, таа мерка не е во игра.

    „Ние дискутиравме дали рестрикција е нешто што може да придонесе за паѓање на бројката за новозаболени. Но, и овој бран почна од моментот кога имаше мерки и секое ново олабавување ќе значи нов бран. Засега не доаѓа во предвид воведување на рестрикции, но не можам да ја исклучам можноста“, рече министерот Филипче.

    По зголемиот број на новозаразени и полнењето на болничките капацитети, министерот Филипче кажа дека здравствените работници се веќе преморени и истоштени и уште еднаш ги замоли граѓаните да ги почитуваат мерките.

    „На граѓаните денес сакам да им кажам само едно нешто, бидејќи мерките постојано ги кажуваме и сите добро ги знаат. Здравствените работници не се прибрани дома со месеци, работат за да го спасат секој живот и треба тоа да го почитуваме. Секој може да помогне само ако носи маска и држи дистанца. Ве молам да се почитуваат мерките, за да здивнат здравствените работници, оти тоа е единствена начин да се стави крај на кризата“, рече Филипче.

    Денеска во земјава се регистрирани 193 нови случаи, од кои 140 се од Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира