НЕ СЕ ЗНАЕ КАКО СЕ ОДЛУЧУВА КОЈ ЌЕ ДОБИЕ „ТРИКАФТА“ НА ДЕТСКА КЛИНИКА, ВЕЛИ РЕВИЗИЈАТА ЗА ЛЕКУВАЊЕТО НА БОЛНИТЕ СО ЦИСТИЧНА ФИБРОЗА

    НЕ СЕ ЗНАЕ КАКО СЕ ОДЛУЧУВА КОЈ ЌЕ ДОБИЕ „ТРИКАФТА“ НА ДЕТСКА КЛИНИКА, ВЕЛИ РЕВИЗИЈАТА ЗА ЛЕКУВАЊЕТО НА БОЛНИТЕ СО ЦИСТИЧНА ФИБРОЗАПациентите со цистична фиброза лани често протестираа барајќи лекот „трикафта“ да биде одобрен за сите пациенти. (Фото: К. Попов)

    Постои ризик од субјективизам при изборот на пациенти со цистична фиброза кои ќе бидат вклучени на терапија на Клиниката за детски болести, велат ревизорските извештаи на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работата на Клиниката за 2022.

    Со извршената ревизија констатирани се состојби и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2022 .

    Со извршената ревизија, утврдено е дека Клиниката за детски болести воедно е и центар за лечење на пациенти кои боледуваат од цистична фиброза, а дел од нив се лекуваат со лекови кои не се на позитивната листа на лекови за кои се обезбедува условен надоместок од Фондот или пак се набавуваат преку програмата за лечење на ретки болести од Министерство за здравство.

    За набавка на дел од лековите за цистична фиброза која се врши и преку Програмата за лекување на ретки болести во рамки на Министерството, за 2022  и 2023 обезбедила средства во вкупен износ од 180.350 илјади денари, односно околу 2.9 милиони евра. Обезбедениот износ е доволен за набавка на терапија само за 15 пациенти, додека согласно приложената документација, регистрирани се помеѓу 130 и 140 пациенти кои боледуваат од цистична фиброза.

    Имено, велат ревизорите, подобрувањето на третманот и начинот на лекување на пациентите започнува од 2008 кога во позитивната листа на лекови се воведени три инхалациони лекови, кои до пациентите се доставуваат преку инсулинските аптеки, но во периодот кој следува на пазарот се достапни нови генерации на лекови за третман на цистична фиброза кои до денот на ревизијата не се воведени во позитивната листа на лекови.

    „Ненавлегувајќи во медицинската исправност на одлуките на докторите и не оспорувајќи ја потребата од вклучување на пациентите на соодветна терапија, состојбата со ограничен буџет и ограничен број на пациенти на кои им се дава терапијата, доведува до постоење на ризик од субјективизам при изборот на пациенти кои ќе бидат вклучени на терапија. Поради тоа, со ревизијата е нагласено дека е потребно Клиниката во соработка со Фондот и Министерството да преземат активности за обезбедување на средства за терапија за сите пациенти за кои постојат докази дека ги исполнуваат медицинските критериуми, потврдено од лекарски конзилиум и стручен колегиум“, стои во извештајот.

    Исто така, ревизорите наведуваат дека како дел од здравствените услуги кои ги нуди Клиниката е и обезбедување хормон за раст, за што во текот на 2022  реализирани се расходи во износ од 67 милиони денари.

    Со извршен увид во техничките спецификации утврдено е дека предметот на набавката е поделен во пет делови за набавка на хормон за раст со исто генеричко име и ист АТЦ код, односно во секој дел се набавува истиот лек, а разликата меѓу деловите се однесува само на количината на активна супстанца – лек во количина на раствор, односно различна фармацевтска дозажна форма на лекот во која се врши комерцијалната продажба.

    За секој дел поднесена е една понуда, која е избрана за најповолна, поради што набавен е хормон за раст со исто генеричко име, но од 4 различни производители/ трговски марки чии единечни вредности се разликуваат, од кои едни се поскапи бидејќи се оригинатори, а поевтините лекови се био-слични, чија цена во однос на оригинаторите е пониска за 58%.

    „Согласно даденото образложение од страна на одговорните лица на Клиниката и медицинскиот персонал дека хормонската терапија има ист медицински ефект без разлика на производителот на хормон кој се аплицира, и не е медицински препорачливо да се менува производителот на лекот во текот на лекувањето, ревизијата е на мислење дека е потребно Клиниката во соработка со Министерството да го евалуира начинот на кој се приклучуваат пациентите на терапија и на кој се изготвуваат техничките спецификации, со цел да се обезбеди постигнување на пониски цени во постапката за јавна набавка.
    Со извршената ревизија исто така е утврдена и несоодветна примена и недоследно почитување на Законот за јавните набавки во дел од постапките што влијае на конкуренцијата и економично, ефикасно и ефективно користење на јавните средства“, стои во извештајот.

    Државниот завод за ревизија вели дека за надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира