Во предметот на СЈО „Траекторија“ за незаконскиот тендер за градбата на кинеските автопати заврши преслушувањето на над 300 прислушувани разговори, но обвинетите Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски пак побараа во Основниот суд Скопје 1 за да не се читаат СМС пораките во судница.
Од она што можеше досега да се разбере во натегањето околу овие докази, во нив има кратки и концизни содржини поврзани со злоупотребите со изборот на кинеската компанија „Синохидро“. Место да се читаат денес, СМС пораките јавноста нив ќе ги види на 12 октомври.
По долгите процедурални приговори денеска, обвинителката Лиле Стефанова од СЈО им рече на адвокатите и на обвинетите: „Не слушнав ни еден приговор дека не биле ваши гласовите во бомбите за кинеските патишта“.
СЈО обвинува дека бил заобиколен Законот за јавни набавки и само со директен договор со кинеската компанија „Синохидро“ склучен во октомври 2013 година започнала градбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Според обвинението, покрај понудата на „Синохидро“, владата на тогашниот премиер Груевски добила преку Пешевски и Јанакиески понуда и од компанијата „СВЕ“.
Дополнително, „СВЕ“ самоиницијативно ѝ дала понуда на владата за изградба на автопатите со пониска сума од 4.800.000 евра. По доставените две понуди, Пешевски и Јанакиески првин ги повикале двете компании, а потоа ја прекинале комуникацијата со „СВЕ“.
Обвинетиот Никола Груевски, мотивиран од „пет на целото“, како што обвинува обвинителката Лиле Стефанова, го искористил своето реално влијание и службената положба како премиер и побарал од обвинетиот Владимир Пешевски, како вицепремиер, и Миле Јанакиески, како министер за транспорт и врски, да извршат избор на компанија за изградба на автопатите без да спроведат постапка за јавни набавки.
Според обвинението, со незаконскиот тендер државата е оштетена за околу 160 милиони евра.
С. К. ДЕЛЕВСКА