НЕ СМЕЕ ДА НЕМА ЛЕКОВИ ЗА БОЛНИТЕ ОД РАК, РЕЧЕ Д-Р ЃОРГИЕВСКА, СОПРУГАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ

    НЕ СМЕЕ ДА НЕМА ЛЕКОВИ ЗА БОЛНИТЕ ОД РАК, РЕЧЕ Д-Р ЃОРГИЕВСКА, СОПРУГАТА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ„Сега имаме иновативни лекови коишто можат многу да направат“, рече д-р Ѓоргиевска. (Фото: Европска куќа Скопје)

    Не смее да има проблем со снабдувањето на лекови, рече денеска проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски, на панел дискусијата „Пристап до третман и до услуги за рано детектирање“ во чест на 4 Февруари, Светскиот ден на борба против ракот, што се одржа во Европската куќа Скопје.

    „Сите знаеме дека последните месеци имаше проблем во снабдувањето со терапија. Тоа навистина не смее да се случува односно тие пациенти мораат да ја добијат најсовремената терапија. Сега имаме иновативни лекови коишто можат многу да направат“, рече д-р Ѓоргиевска.

    Оперирани од рак, како и пациенти со ретки болести со месеци алармираат дека се оставени без потребните терапии за нивните лекувања, а тоа се лекови што продолжуваат и спасуваат живот. Пациентите со цистична фиброза веќе и два пати протестираа, барајќи современа терапија.

    Говорејќи за борбата против ракот, д-р Ѓоргиевска кажа дека значајна е адекватната промоција на здравите навики во кои спаѓаат правилниот начин на живот, правилната исхрана и физичката активност.  Таа рече дека исклучително е важна и секундарната превенција при што државата треба да обезбеди да може секој да биде подложен на раните скрининзи.

    „Исклучително е важно секоја жена и секој поединец да има достапност до овој ран скрининг затоа што, сите знаеме, превенцијата колку и да чини, сепак е многу помалку отколку да се третира. И не само економски, туку исклучително е важно да се посвети многу внимание на психолошкиот момент кај болните од канцер“, рече д-р Ѓоргиевска, додавајќи дека исклучително е важно и психолошкиот момент да се третира кај овие пациенти и кај нивните семејства затоа што ова претставува болест на целото семејство.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира