СО МЕСЕЦИ НЕМА ЛЕКОВИ ЗА БОЛНИ ОД РАК И ОД РЕТКИ БОЛЕСТИ, ВЛАДАТА НЕ ОДГОВАРА НА ПИСМАТА НА ПАЦИЕНТИТЕ, А ЕДЕН ЛЕК ПРИВАТНО ЧИНИ 2.000 ЕВРА ЗА МЕСЕЧНА ДОЗА

    СО МЕСЕЦИ НЕМА ЛЕКОВИ ЗА БОЛНИ ОД РАК И ОД РЕТКИ БОЛЕСТИ, ВЛАДАТА НЕ ОДГОВАРА НА ПИСМАТА НА ПАЦИЕНТИТЕ, А ЕДЕН ЛЕК ПРИВАТНО ЧИНИ 2.000 ЕВРА ЗА МЕСЕЧНА ДОЗАВеќе не знам што треба да направиме за да нѐ сфатат сериозно, Биба Додева од „Борка“ - од минатогодишниот марш „Сакам розово со поранешниот министер Венко Филипче и со поранешната американска амбасадорка Кејт Мери Брнз (Фото: СДК.МК)

    Оперирани од рак, како и пациенти со ретки болести со месеци алармираат дека се оставени без потребните терапии за нивните лекувања, а тоа се лекови што продолжуваат и спасуваат живот.

    Биба Додева од Здружението Борка вели дека се собрале 27 здруженија и заеднички испратиле писма до премиерот, Генералниот секретар на Владата, до Министерството за здравство и до Фондот за здравствени осигурување. Но, досега не добиле никаков одговор.

    Веќе не знам што треба да направиме за тие што ја креираат политиката да нѐ сфатат сериозно, вели Додева од „Борка“.

    Од повеќето граѓански здруженија за правата на пациентите со кои контактираше САКАМДАКАЖАМ.МК, ни рекоа дека уште во јануари биле свесни дека ќе се случи ваква ситуација, особено за тие лекови што не се на позитивната листа и се набавуваа со програма со посебен буџет на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). Испраќале писма и до претходното раководство на Фондот и на Клиниката за онкологија, како и до Министерството за здравство, кои ги убедувале дека сѐ е во ред, потребни се набавки и сѐ ќе се реши.

    „Луѓето имаат проблем со континуирана набавка. Треба да се смени позитивната листа. Ни викаат: ‘Тие лекови што не се на позитивна листа па не мора ни да ги обезбедиме’. Иако е нехумано – да имаш добар лек, да се навикнеш на него и сега да го немаш. На многу пациентки овие лекови им значат целосно излекување“, велат од здруженијата.

    Повеќе од два месеца го нема лекот „херцептин“ кој го примаат пациентки што се оперирани од рак на дојка и ја поминале хемотерапијата. Станува збор за лек кој во земјава се користи веќе три години, од најнова генерација имунотерапија кој дава одлични резултати во третманот на ова малигно заболување. Лекот беше достапен на Клиниката за онкологија во времето на министерот Венко Филипче, но според кажувањата на пациентките, тој периодов не е достапен преку Клиниката, а да го купат приватно чини над 2.000 евра месечна доза.

    Во објаснувањата за овој лек се наведува дека „ова откритие е едно од главните достигнувања во антиканцер терапијата и целното уништување на туморските клетки“.

    „Овој лек, го нема веќе неколку месеци. ‘Херцептинот’ не се дава секому. За да се прими, потребни се повеќе испитувања кои се вршат на институтите на Медицинскиот факултат. Но, и тие што треба да го примат, не можат. Прашавме кога ќе го добијат, ни рекоа: ‘Ќе го добиете кога ќе стигне’“, вели нашата соговорничка, пациентка која се опоравува по хемотерапија и операција на рак на дојка.

    Клиниката за онкологија од почетокот на месецов има нова директорка, д-р Виолета Клисарова, откако претходниот директор, д-р Нино Васев, си даде оставка по барање на министерот за здравство Беким Сали.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК во средата ја праша директорката кога пациентите ќе го добијат овој лек, а таа ни одговори: „Потребно ми е време за анализа и одговор кога лекот ќе биде достапен. Ве молам за разбирање“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира