Поништена е постапката за набавка, монтажа и пуштање во работа на систем за компромитиран воздух за операционите сали на хируршките клиники во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ бидејќи не пристигнала ниту една понуда, објави МИА.
Хируршките сали во скопските клиники се затворени од 22 мај поради реа, а претходниот министер за здравство Илир Демири на 27 мај рече дека ќе останат затворени сѐ додека не стигнат резултатите од земените примероци од компресорите кои се пратени во Германија и сѐ додека трае истрагата на Основното јавно обвинителство (ОЈО). Пациентите за неврохируршки операции се праќаат во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, а останатите во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“.
Министерството за здравство сѐ уште нема соопштено дали стигнале примероците од Германија.
„Согласно роковите определени во Оперативниот план доставен до Владатаа, на 28.06.2024 на страната на ЕСЈН беше објавена поедноставена отворена постапка за јавна набавка на работи – набавка, монтажа и пуштање во работа на систем за компримиран воздух, оглас број 10891/2024. Крајниот рок за доставување на понуди беше 15.07.2024 година до 11:00 часот. Проценетата вредност на постапката беше 18.644.068 денари без ДДВ“, велат од Клиничкиот центар.
Во тендерската документација била предвидена задолжителна посета на локација заради важноста на самата набавка за здравјето и безбедноста на пациентите.
„Посета на локација побараа три економски оператори и на истите им беше овозможено посета на локација. За нас од непознати причини, до денот на отворање не е пристигната ниту една понуда“, велат од Клиничкиот центар.
Тие денеска донеле одлука за поништување на постапката, за што биле информирани Владата и Министерството за здравство. Побарани биле натамошни насоки за постапување.
Министерот за здравство Арбен Таравари на 1 јули изјави дека веќе е објавен тендер за компресорите за хируршките сали на Клиничкиот центар во Скопје, но и дека ако е потребно ќе се обиде да се најде начин за реновирање и на салите во „8 Септември“.
„Полека се наоѓа решение за проблемот со хируршките сали на Клиничкиот центар. Веќе е објавен тендер за компересорите кои не работат. Максимум времето до кога треба да се поправи и да се завршат и да се вратат во функција се надевам дека ќе биде крајот на декември. Во меѓувреме, ние ќе инсистираме доколку може што поскоро да заврши да бидат функционални салите на Хирургија во Клиничкиот центар“, изјави министерот Таравари.