Поранешниот премиер и министер за одбрана Владо Бучковски, кого на денешната седница Владата го назначи за специјален претставник за односите со Бугарија, во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека ќе работи да се врати изгубената доверба меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Како што соопшти Владата, именувањето е со мандат од една година, а целта да се назначи специјален претставник е „да се заокружи со успех процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и да се создаде атмосфера за реализација на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и добрососедство“.
„Не сум чудотворец и нечиј скриен ас во ракавот, јас ќе се обидам со својот кредибилитет, што исто како Денко Малески и Љубчо Георгиевски го имам во Софија, да ја вратиме довербата меѓу двете држави. Ако не успееме до деветти декември да се договориме, ќе се бориме по деветти да најдеме решение за проблемите, зашто очигледно Бугарија е таа што треба да ја отвори портата кон Европа. Но сакам да истакнам, ние имаме изградено став кон билатералните прашања со соседот и доследно ќе го почитуваме. Договорот за пријателство и добрососедство е единствената шанса да не се вратиме назад во историјата. Република Бугарија треба да покаже поголемо разбирање за тоа што сме го направиле изминатите две години. Тоа што го направи Македонија за 2 години е еднакво на тоа што е направено за 60 години. Јас ќе барам Софија да ни даде шанса“, вели професорот Бучковски, кој од утре почнува со интензивни активности на новата функција.
Бучковски потврдува дека се клучни наредниве десет дена, но и дека ќе треба подолг период за да се подобрат односите меѓу двете стрaни и да се врати довербата.
Од 7-9 декември ќе се одржи Советот на министри за надворешни работи на ЕУ, откако на претходниот состaнок Бугарија стави вето на преговарачката рамка и го блокираше почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Македонија.
Лани во ноември, на Бучковски му застаре делото во предметот „Тенковски делови“, кој почна во 2007 и во тек беше третото судење за случајот. Лани на 15 ноември, на рочиштето за „Тенковски делови“, јавниот обвинител во завршен збор изврши прецизирање на обвинителен акт, по што настапи застареност на кривичното гонење.
Според обвинението, на крајот на 2001 Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ како приоритетна набавка од фирмата „МЗТ ФОП“ нарачале резервни делови за тенковите „Т-55“. Шест години подоцна, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе постапка и во јули 2007 година поднесе обвинение против тоганшниот министер за одбрана Бучковски и поранешниот началник на Генералштабот на АРМ Методи Стамболиски за злоупотреба на функциите, и со нереално барање за набавка на резервни делови за армиските тенкови причиниле штета од речиси 150 милиони денари или околу 2,5 милиони евра. Според пресудата донесена на 9 декември 2008 после 13-месечен судски процес, Бучковски беше осуден на 3,5 години затвор, но не ја отслужи казната.
Во 2012, СДСМ на чело со Бранко Црвенковски го исклучи Владо Бучковски од партијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА