НЕ СУМ ЗАДОВОЛЕН ОД СОБРАНИЕТО, КАЖА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НАСЕР ЗИБЕРИ НА ПРВАТА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ОТКАКО Е НА ФУНКЦИЈАТА

    НЕ СУМ ЗАДОВОЛЕН ОД СОБРАНИЕТО, КАЖА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НАСЕР ЗИБЕРИ НА ПРВАТА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ОТКАКО Е НА ФУНКЦИЈАТАПрезентирајќи го Извештајот за работата на Омбудсманот за 2020 година, Зибери натаму ги издвои претставките од граѓаните и нивното незадоволство од судовите, со акцент на Управните судови. (Фото: К. Попов)

    И Народниот правобранител Насер Зибери не е задоволен од работата на Парламентот. На новинарско прашање денеска од сите институции од чија работа не е задоволен, а кои писмено ќе ги “пријави” првин во Владата, го издвои Парламентот, кој го избра него.

    „Како што знаете Механизмот за граѓанска контрола не профункционира. Луѓето си дадоа оставки, се повлекоа. Јас поднесов барање до Собранието да распише нов оглас и не сум известен до каде е таа работа. Моја надлежност е да го ставам тој Механизам во функција, за што има голема заинтересираност, како од невладините организации, така и од амбасадите во Република Северна Македонија. Вие гледате пред некој ден дури го поминаа едвај извештајот за 2019 година, а овој Извештај за работата на Омбудсманот за 2020 година што го презентирам денес пред вас медиумите, којзнае кога ќе дојде на дневен ред во Собранието”, критикуваше Зибери.

    Неможноста за непрекинато и квалитетно следење на наставата, што од немањето уреди, компјутери, што поради слаб интернет, чест прекин на електричната енергија и неплатени сметки од осиромашените родители, се на врвот од сите скршени човекови права за претходната година и тема со која денеска Народниот правобранител со предупредувачки тон ја почна првата прес- конференција по неговиот избор.

    Во контекст на кршењето на правата на децата, тој ги акцентираше и претставките од студенти, особено на тие од Правниот факултет “Јустинијан Први”, кои освен што не ги добиле картичките како помош што им ги вети Владата, туку не добиле ни образложение зошто се одбиени.

    Презентирајќи го Извештајот за работата на Омбудсманот за 2020 година, Зибери натаму ги издвои претставките од граѓаните и нивното незадоволство од судовите, со акцент на Управните судови.

    „Состојбата во управното судство е незадоволителна. Како во однос на соработката со органите на државната управа, така и во однос на неприменување на Законот за општа управна постапка, во однос на мериторното одлучување. Место судиите да одлучуваат мериторно, ги враќаат постапките назад и си играат пинг-понг со граѓаните влечејќи ги нивните проблеми до бесконечност”, предупреди Народниот правобранител Зибери.

    Минатата година имало 9 претставки за недобивање на државјанства на граѓани кои пред осамостојувањето на Македонија се родиле овде.

    „Уште постојат граѓани кои се родени и пред 1991 година, кога се осамостоила државата, односно пред да се донесе законот за државјанство во 1992 година. Едни лица од исто семејство добиле, а други членови со исти услови, не, до денес”, кажа Зибери.

    Проблем се и изводите од матични книги на родени. И покрај олеснувањето, граѓаните остануваат со месеци чекање, без извод.

    Зибери и заменичката Васка Бајрамовска-Мустафа на новинарско прашање одговори дека има чести бегства од малите групни домови, а дека тоа е поради незадоволство и недостиг на љубов и внимание кон оваа ранлива група на деца.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира