НЕ СВЕДОЧЕВ ЗА КАМЧЕВ, КИЧЕЕЦ И КАТИЦА, НИТУ ГИ ПОЗНАВАМ, НИТУ САКАМ ДА ГИ ЗАПОЗНААМ, КАЖА КИРАЦОСКИ ПО РАСПИТОТ ЗА „РЕКЕТ“

    НЕ СВЕДОЧЕВ ЗА КАМЧЕВ, КИЧЕЕЦ И КАТИЦА, НИТУ ГИ ПОЗНАВАМ, НИТУ САКАМ ДА ГИ ЗАПОЗНААМ, КАЖА КИРАЦОСКИ ПО РАСПИТОТ ЗА „РЕКЕТ“По двочасовниот распит кај обвинителката Вилма Рускоска, тој рече дека како пратеник, а претходно и како генерален секретар на СДСМ се среќавал со многу луѓе. (Фото: К. Попов)

    Пратеникот на СДСМ Александар Кирацоски вели дека бил повикан на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција за мал сегмент од истрагата за „Рекет“ и дека нема никаква врска со инволвираните во аферата. По двочасовниот распит кај обвинителката Вилма Рускоска, тој рече дека како пратеник, а претходно и како генерален секретар на СДСМ се среќавал со многу луѓе, а со Боки 13 имал само една слика и тоа на барање на првоосомничениот во „Рекет“.

    „Јас не сум ниту член на Меѓународниот сојуз, ниту сум обавувал нешто во Меѓународниот сојуз. Бев повикан само за еден мал сегмент, значи ова со Камчев, со Кичеец, со Катица нема никаква врска со мене и тоа буквално не се дискутираше денес. Ниту ги познавам, ниту сакам да ги запознаам“, изјави Кирацоски, кој не сакаше да открие повеќе детали за распитот, за кој вели дека бил во улога на сведок, повикувајќи се на тајноста на истрагата.

    Вчера на распит за „Рекет“ беше и сопартијката на Кирацоски, Фросина Ременски – Ташевска.

    Пред Ременски, на распит кај Вилма Рускоска за „Рекет“ беа водителката Лила Филиповска, бизнисмените Ардијан Амзоски и Силјан Мицевски и Бурим Рустеми, Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска од СЈО.

    Во притвор за „Рекет“ се осомничените Катица Јанева, Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира