Гориво има, граѓаните да не полнат бензин во буриња и канистри, велат од компанијата „Макпетрол“ откако вчера на бензинските пумпи имаше колони возила. Од „Макпетрол“ велат дека набавката на гориво во буриња, канистри, канти и други садови е спротивно на законските регулативи, бидејќи несоодветното складирање и чување на горивата може да предизвика опасни ситуации по животот на луѓето, како и загадување на околината.
Од компанијата велат дека и поради воениот конфликт во Украина гориво има, но компаниите работат во тешки услови.
„Поради новонастанатата глобално-политичка ситуација, како резултат на која што има неколкукратно зголемување на цените на сите нафтени деривати, компаниите што се дел од оваа економска гранка се наоѓаат во исклучително тешка ситуација, што подразбира и работа со загуба. Имајќи ја предвид долгогодишната традиција и професионални капацитети, компанијата и во овие особено тешки и комплексни услови ќе продолжи да работи без застој и рестрикции, со цел и граѓаните и компаниите без проблеми да функционираат“, велат од компанијата.
Вчера дел од бензинските пумпи не точеа гориво или само дозволуваа полнење на резервоарите до определена количина, по што реагираа од Регулаторната комисија за енергетика наведувајќи дека нема да дозволат воено профитерство на компаниите и најавија контроли на Пазарната инспекција.
Од Владата денеска соопштија дека граѓаните не треба да се грижат, нафтени деривати во државата има и трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката.
„Владата апелира дел од трговците на мало со нафтени деривати да не ја ограничуваат количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите, а потрошувачите да не чекаат во колони на бензинските пумпи и да не прават залихи од гориво поради безбедносни причини“, велат од Владата.
А. АНТЕВСКА