НЕ ВОДИМЕ САМО ГОЛЕМА ПОЛИТИКА, ПОМАГАМЕ И ТАМУ КАДЕ ШТО Е ПОТРЕБНО, КАЖА ГЕРМАНСКИОТ АМБАСАДОР ГЕРБЕРИХ ЗА ДОНАЦИЈАТА НА ДЕТСКА КЛИНИКА

    НЕ ВОДИМЕ САМО ГОЛЕМА ПОЛИТИКА, ПОМАГАМЕ И ТАМУ КАДЕ ШТО Е ПОТРЕБНО, КАЖА ГЕРМАНСКИОТ АМБАСАДОР ГЕРБЕРИХ ЗА ДОНАЦИЈАТА НА ДЕТСКА КЛИНИКАКлиниката за детски болести доби апарат за реанимација и респираторна поддршка на предвреме родени бебиња, преку проектот Хопе со поддршка од амбасадата на Германија.

    Клиниката за детски болести доби апарат за реанимација и респираторна поддршка на предвреме родени бебиња, кој е донација од амбасадата на Германија преку проектот Хопе. Со овој апарат се подобрува волуменот на белите дробови кај бебињата и наменет е за одделот за интензивна нега на Клиниката. Во моментот на одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести има 16 деца, а најмалото е родено во 28 гестациска недела и има 450 грама.

    „Навистина е голем успех и на овие предвремено родени да им дадеме шанса да преживеат. Станува збор за близначка бременост, едното дете веќе е горе на одделот, а второто сè уште има потреба од поддршка, кажа д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести.

    Донацијата се реализира со проектот ПериМак, со кој треба да се намали смртноста кај бебињата во земјава.

    „Со овој проект значајно се подобруваат капацитетите, но и потенцијалите на нашите јавни здравствени установи посебно во сферата на неонатологијата. Се надевам дека ова е почеток на една значајна соработка со Германската амбасада и продолжување на проектот кој почна како соработка меѓу Министерството за здравство и Фондацијата проект Хопе“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

    Германскиот амбасадор Томас Герберих рече дека е голема чест што со средствата од малите проекти на амбасадата може да се вклучат во еден проект за поддршка на одделот за интензивна нега на Детската клиника.

    „Ова е уште еден знак дека Македонија и Германија имаат многу добра соработка и на овој начин сакаме да покажеме дека не водиме само голема политика, туку помагаме конкретно на места каде што тоа е потребно“, рече Герберих.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари