НЕ ЗНАМ ШТО МУ СТАНА НА КИРЕ ДА ГО ГАЗИ СЕЛА ПО ГЛАВАТА, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТИОТ ТОШТА

    НЕ ЗНАМ ШТО МУ СТАНА НА КИРЕ ДА ГО ГАЗИ СЕЛА ПО ГЛАВАТА, СВЕДОЧЕШЕ ОБВИНЕТИОТ ТОШТАОбвинетите за обид за убиство на Зијадин Села на претходно рочиште во Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Александар Јаневски – Тошта, еден од десеттемина обвинети и притворени за обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април лани, кој тврдеше дека во Собранието тој го бранел Села, даде неколку спротивни изјави при сведочењето на денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1.

    Јаневски кажа дека спонтано влегол во Собранието со изјавата: „Сите влегоа, влегов и јас“, заборавајќи дека претходно на обвинителот при вкрстеното испитување му одговори дека како вработен во обезбедувањето на државното ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор добил конкретно, усно задолжение од шефот од Кочани, кого лично не го познавал.

    „Не бев сам јас таму, 15 луѓе од Јавното станбено претпријатие бевме. Јас бев задолжен да ги штитам новинарите“, рече Тошта.

    Тој кажа и дека пред Собранието имало 5-6 илјади демонстранти, па судијката Славица Андреевска го праша како бил без намера за влегување, а се пробивал низ 6 илјади луѓе. „Зошто Јаневски влеговте во Собранието?“, праша таа.

    Обвинетиот одговори дека влегол одејќи по ѕидот пред влезните врати на Собранието. Јаневски кажа и дека животот ќе го дадел да го спаси Села и кој да е друг легнат на земја кого безмилосно го клоцаат по целото тело, за потоа на прашање на судијката зошто не го спречил да излезе од ќошето со пратениците, да рече: „Што? Јас да го спречам да излезе, да ме сликаат и да речат еве го овој го тепаше Села“.

    Тој тврдеше дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев, кој ги одбрани Заев и пратениците на СДСМ од линч, го викнал од галеријата да се симне долу во прес-салата за да помогне во бранењето на загрозените пратеници од насилствo.

    „Рековте имало 200 и повеќе насилници и останати граѓани во салата. Како го слушнавте во тој хаос Влатко Ѓорчев дека ве вика долу кај Села и останатите?“, праша обвинителот.

    „Мавташе со рацете, така го забележав“, одговори Јаневски.

    „Рековте дека сте ги викнале обвинетите Кире и Цејо Ѓорѓиевски, како и Стојан Павлевски, да му помогнете и да го изнесете оштетениот Села надвор. Ја видовте снимката како Кире му ја гмечи со нога крвавата глава на онесвестениот Села. За какво помагање зборувате?“, го праша обвинителот Дарко Јакимовски обвинетиот.

    „Не знам што му стана на Кире“, рече Јаневски тивко.

    Судењето уште трае. Сите 10-мина обвинети имаат право на избор, дали да застанат на директно или вкрстено испрашување од обвинителот и од одбраната, како и на прашања на Судот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира