„Не сум прегазил полицаец, јас воопшто не знаев дека тоа е полиција“ вели актерот Сашко Коцев кој според МВР, сношти во центарот на Скопје, не застанал на знак за запирање даден од полицаец и го повредил со кола. Тој вели дека немало да си замине од местото на настанот ако знаел дека човекот кој му рекол да си оди е полициец, зашто бил во облечен во цивилна облека, а не во униформа.
Во соопштението на МВР се вели дека вчеравечер околу 19.15 част во Скопје, на подрачјето на Центар, „С. К. управувајќи возило ‘фолксваген’ не застанал на знак за запирање даден од полициски службеник кој извршувал службени дејствија, агресивно се однесувал, по што со возилото го удрил полицискиот службеник и го напуштил местото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“.
Во телефонскиот разговор, Коцев ни рече дека полицаецот удрил со рака во неговото возило и ја вознемирил ќерка му која тој ја земал од час по музичко.
„Ова воошто не е така. Јас не ни знаев дека тоа е полиција, туку мислев дека се некои од обезбедување кои затвориле уличка. На прашањето: ‘Кои сте вие да затворате улица?’, ми рекоа ‘Сега ќе видиш кој сум’. И стоеше пред колата. Детето почна да плаче, јас од паника само ја придвижив колата, тој се тргна и заминав. Следна информација е оваа објава по порталите која е невистина. Немав никаква намера да прегазам никого“, ни рече Коцев.
М. ЏАРОВСКА