НЕДЕЛАВА ЌЕ ИМА УШТЕ ДВА ЛЕТА ЗА ЕВАКУАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ ОД ДУБАИ, РЕЧЕ МУЦУНСКИ

    НЕДЕЛАВА ЌЕ ИМА УШТЕ ДВА ЛЕТА ЗА ЕВАКУАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ ОД ДУБАИ, РЕЧЕ МУЦУНСКИСо последниот лет успешно беа евакуирани 151 патник, меѓу кои имаше и странски државјани. (Фото: МНР)

    Во текот на оваа недела се планирани два лета за евакуација на македонски државјани од Обединетите Арапски Емирати, кажа министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Со синоќешниот лет од Дубаи беа евакуирани 151 лице, меѓу кои имаше и странски државјани.

    „Во Обединетите Арапски Емирати се идентификувани околу 430 наши граѓани. Со последниот лет успешно беа евакуирани 151 патник, меѓу кои и странски државјани. Сакам да напоменам дека при последната операција во Дубаи, 14 пријавени лица не се појавија на летот, по што веднаш беа контактирани други граѓани за да се пополни капацитетот на авионот. Апелирам, доколку некој сака да се откаже, навреме да го пријави тоа“, рече Муцунски.

    До овој момент, од Израел, поточно од Тел Авив, успешно се евакуирани 12 македонски државјани. Од нив, шестмина беа префрлени со владин авион преку Шарм ел Шеик, додека за останатите беше обезбедена асистенција со комерцијални летови. Во Газа во моментов има уште еден македонски државјанин, на чија евакуација активно се работи и ќе се реализира штом ќе се создадат безбедносни услови за тоа.

    „Во Катар, поточно во Доха, идентификувани се 162 граѓани, од кои 85 веќе изразија подготвеност за евакуација. Во Кувајт се регистрирани 36 наши државјани, а во Бахреин ги има 15. Во Саудиска Арабија се регистрирани пет граѓани, кои во текот на неделата ќе бидат транспортирани до Ријад, кој е одреден како централна точка за нивно понатамошно префрлање со директен лет кон дома“, кажа Муцунски.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира