НЕКАЗНИВОСТА МОРА ДА ЗАВРШИ, КОРУПЦИЈАТА Е РАК КОЈ ГИ ЗАГРОЗУВА МЛАДИТЕ, ЗАТОА ВИ БЕГААТ, КАЖА НОВАТА АМЕРИКАНСКА АМБАСАДОРКА АГЕЛЕР

    НЕКАЗНИВОСТА МОРА ДА ЗАВРШИ, КОРУПЦИЈАТА Е РАК КОЈ ГИ ЗАГРОЗУВА МЛАДИТЕ, ЗАТОА ВИ БЕГААТ, КАЖА НОВАТА АМЕРИКАНСКА АМБАСАДОРКА АГЕЛЕР„Една неодамнешна анкета покажа дека корупцијата е главната причина поради која младите сакаат да ја напуштат Северна Македонија - порака што ја слушнав во разговорите што ги имав откако се вратив овде пред 9 дена“, кажа Анџела Агелер (Фото: Амабасада на САД)

    Американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер на 20-годишнината од формирањето на Антикорупциската комисија повика „да се ​​обврземе сега да ја идентификуваме и да бараме одговорност за корупцијата каде и да постои, како и одговорност од корумпираните актери“. Таа рече дека борбата против корупцијата во Македонија ќе ја направи приоритет на Амбасадата на САД затоа што корупцијата ја кочи оваа земја од многуте успеси што може да ги постигне.

    „Ги видовме иницијативите на ДКСК за отворање кривични предмети против јавни функционери за коруптивни дела. Слушаме што се случува зад сцената за да  се манипулираат назначувањата на клучни позиции. Читаме за профитабилни тендери кои одат кај фирми со политички или лични врски. Затоа, да се обврземе сега – јавноста, политичарите, владините службеници – да ја идентификуваме и да бараме одговорност за корупцијата и да бараме одговорност од корумпираните актери. Неказнивоста мора да заврши“, рече амбасадорката на САД.

    Го потсети присутниот државен врв на свеченоста дека пријателството не е само договор и кажување на пријателот тоа што сака да го чуе.

    „Пријателството значи совет, значи водство и значи искреност кога е потребно. Соодветно е настанот да се одржи овде, во Музејот на македонската борба, за да се разговара за оваа конкретна и многу реална борба. Корупцијата во која било форма – непотизам, политички назначувања, несоодветно политичко влијание, фаворизирање при вработување или договори итн. – ја кочи оваа земја од економскиот, социјалниот, образовниот и структурниот успех што знаеме дека може и треба да продолжи да го постигнува“, критикуваше Агелер.

    Таа ја пофали Државната комисија за спречување на корупцијата и кажа дека во изминатите две децении ја зголемила видливоста, автономијата, ресурсите и во ефективноста во борбата против корупцијата. Смета дека преку својата работа ДКСК може да биде корисна во менувањето на однесувањата, очекувањата и „жртвите на овој рак на луѓето, општеството, економијата на оваа земја“.
    „Северна Македонија е успешна приказна. Од вашата независност пред 31 година, вие се приклучивте на НАТО; вие сте на вашиот пат кон Европската унија; и изградивте стабилно, мултиетничко општество на Западен Балкан. Сепак, и денес, корупцијата го попречува напредокот на Северна Македонија и ја загрозува нејзината најголема природна вредност – младите во оваа земја“, зборуваше многу прецизно таа.

    Агелер во овој контекст потсети на еден тажен факт.

    „Една неодамнешна анкета покажа дека корупцијата е главната причина поради која младите сакаат да ја напуштат Северна Македонија – порака што ја слушнав во разговорите што ги имав откако се вратив овде пред 9 дена. На младите овде им треба и заслужуваат земја во која успехот се заснова на талент и напорна работа, а не на политика или на кого го знаете“, кажа таа пред присутните.

    Ѝ честиташе на Антикорупциската комисија за вредната работа, како што кажа.

    „Со право е кажано дека борбата против корупцијата во оваа земја ќе ја направам приоритет на Амбасадата на САД во Скопје. Тоа е вистина. Но, она што е исто така точно и најважно е дека вие – луѓето на оваа земја – мора да ја водите таа борба. Соединетите Држави ќе бидат тука да ги поддржат сите напори, но ова мора да биде ваш избор. И јас сум убеден дека, заедно, можеме да направиме суштински промени за да се справиме со ракот на корупцијата“, рече на крајот Агелер.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира