НЕКОЈ ИМ КАЖАЛ НА „СВЕ“, А БЕ ШПИУНИ КОЛКУ САКАШ, СЕ ДОПИШУВАЛЕ ЈАНАКИЕСКИ И ПЕШЕВСКИ ЗА СКРИЕНАТА ПОЕВТИНА ПОНУДА ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ

    НЕКОЈ ИМ КАЖАЛ НА „СВЕ“, А БЕ ШПИУНИ КОЛКУ САКАШ, СЕ ДОПИШУВАЛЕ ЈАНАКИЕСКИ И ПЕШЕВСКИ ЗА СКРИЕНАТА ПОЕВТИНА ПОНУДА ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ„Обвинетите биле свесни дека немале законска основа да почнат преговори и покрај тоа што владите на Македонија и Кина потпишале и договор“, кажа обвинитеката од СЈО Лиле Стефанова. - Обвинетите во „Траекторија“ Миле Јанакиески и Владимир Пешевски утринава пред Основниот суд Скопје 1 (Фото: Ѓ. Личовски)

    Стотици пораки се читаат денеска во Основниот суд Скопје 1 за случајот на СЈО „Траекторија“ за изградбата на кинеските автопати со незаконски тендер во кој со игнорирање на официјалната втора и поевтина понуда на кинеската компанија „СВЕ“, избрана е „Синохидро“.

    Во првиот денешен блок од смс пораки меѓу обвинетите Миле Јанакиески и Владимир Пешевски, тие двајца констатираат дека стигнала понудата од „СВЕ“, но и неколку други. Па се консултираат: „Дали утре да ги примиме на состанок двете компании?“

    „Само ‘Синохидро’, но да ги видиме треба и другите, чисто да не се исфрустрираат“, се договараат Миле и Пешевски. Но, оставаат „шефот на крај да одлучи“.

    Дека понуда од „СВЕ“ пристигнала како конкуренција на „Синохидро“, зборува и следната порака од Миле: „Стигна понуда, а не знаеја ни фирма, а уште помалку износ. Дале понуда 1386 дена, исто како ‘Синохидро’ и цена 399. Очигледно е дека некој им кажал на ‘СВЕ’“

    „А бе шпиуни колку сакаш. Може и од Ексим им кажале. Пуштен е договорот таму“, се допишуваат Миле и Пешевски.

    Се договараат да се состанат Пешевски, Јанакиески и кообвинетиот Никола Груевски кај Пешевски, но се мислат дали да го викнат вицепремиерот З.С. кого со иницијали го пишуваат цело време.

    „Не е лошо и З.С. да дојде. Ако одлучи шефот да го повика“, се допишуваат двајцата.

    На 22.03.2013 година си честитаат по смс:

    „Готов е договорот, со среќа нека е. Во консултација со шефот, ќе дојдат ‘Синохидро’ деновиве, да се преговара со домашните компании“.

    Дека сè се правело усилено, денеска говорат промашените траси. Тие признаваат дека обвинетиот Љупчо Георгиевски, тогашен директор на ЈП за државни патишта, нема денар во буџетот и оти не може да почне ниту експропријација, ни надзор.

    Миле кажува дека треба да се оди во Кина, бара да се резервираат авионски карти во бизнис класа.

    Според обвинението, во овој тендер бил заобиколен законот за јавни набавки и само со директен договор со кинеската компанија „Синохидро“ склучен во октомври 2013 година започнала градбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Стефанова рече и дека покрај понудата на „Синохидро“, владата на тогашниот премиер Груевски добила преку Пешевски и Јанакиески понуда и од компанијата „СВЕ“. Дополнително, „СВЕ“ самоиницијативно ѝ дала понуда на владата за изградба на автопатите со пониска сума од 4.800.000 евра. По доставените две понуди кај Пешевски, тој и Јанакиески првин ги повикале двете компании, а потоа ја прекинале комуникацијата со „СВЕ“.

    „Обвинетите биле свесни дека немале законска основа да почнат преговори и покрај тоа што владите на Македонија и Кина потпишале и договор. За да се потпише таков меѓувладин договор, нужно било првин да биде донесен посебен закон. Сè дотогаш важи законот за јавни набавки“, рече Стефанова.

    Според обвинението, Јанакиески и Пешевски ја примиле поевтината на понуда за речиси 5 милиони евра, но не ја доставиле до ЈП за државни патишта, ниту пак ја зеле предвид.

    На 10.10 2013 година, во консултација со тогашниот премиер Груевски, Пешевски и Јанакиески до Собранието доставиле предлог-закон за изградба на двете делници, лажно прикажувајќи им на пратениците дека „Синохидро“ има поповолни понуди за двата автопата со што ја скриле понудата на „СВЕ“ и со тоа државниот буџет го оштетиле за 155.117.256 евра, а тоа е разлика меѓу цената која ја плаќаме како држава на „Синохидро“ и цената која таа ја плаќа на подизведувачите кои ги градат автопатите.

    Во „Траекторија“, Јанакиески, Пешевски и Георгиевски се обвинети за Злоупотреба на службената положба и овластувања, а Груевски е обвинет за Примање награда за противзаконито влијание.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира