Владејачката ВЛЕН започна со изработка на законски решенија со кои сите професионални испити и постдипломски лиценци за работа во државата ќе бидат достапни на албански јазик, соопштија од партијата.
Од ВЛЕН велат дека по сопствена иницијатива ја мапирале целата соодветна проблематика во оваа сфера, со намера реформите да не запрат само на правосудниот испит, за кој вчера најавија дека ќе се полага на албански јазик по протестите на студентите Албанци. Како главна цел на предложените измени се наведува создавањето на логичен и праведен систем во државата, кој ќе овозможи секој граѓанин што го завршил своето високо образование на албански јазик, да може под еднакви услови и на истиот јазик да ја добие и соодветната лиценца за работа.
„Студентите побараа правосуден испит, но ВЛЕН самоиницијативно ја мапираше целата соодветна проблематика. Нема да застанеме само тука, веќе работиме на законски решенија со кои сите професионални испити и постдипломски лиценци за работа во земјата ќе им бидат достапни на младите на нивниот мајчин јазик. Наша цел е логичен и праведен систем: тој што студирал на албански, да може на албански да ја добие и својата лиценца за работа“, се вели во соопштението на ВЛЕН.
Според најавите од ВЛЕН, новиот законски концепт во претстојниот период ќе ги опфати сите стручни досогласувања, професионални тестирања и дозволи за работа во земјата, со што се очекува да се надминат досегашните системски пречки при институционалното и економското напредување на младите кадри.



