НЕМА ДИСКРИМИНАЦИЈА НА МАЛЦИНСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА, ПОТВРДИ КОМИТЕТОТ НА МИНИСТРИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА

    НЕМА ДИСКРИМИНАЦИЈА НА МАЛЦИНСТВАТА ВО МАКЕДОНИЈА, ПОТВРДИ КОМИТЕТОТ НА МИНИСТРИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА„Бројни амандмани од друга заинтересирана делегација не наидоа на поддршка од мнозинството земји-членки на Совет на Европа“, соопшти МНР.(Фото: СДК.МК)

    Комитетот на министри на Советот на Европа донесе Резолуција дека во Македонија нема дискриминација на националните малцинства, а „бројни амандмани од друга заинтересирана делегација не наидоа на поддршка од мнозинството земји-членки на Совет на Европа“, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).

    Неофицијално, станува збор за амандмани поднесени од Бугарија, но нема потврда бидејќи дискусиите во Комитетот се доверливи.

    Министерството за надворешни работи соопшти дека денеска во Комитетот на министри на Советот на Европа беше комплетиран 5-от циклус на редовна евалуација на Македонија, во смисла на нејзино спроведување на обврските преземени со пристапувањето кон Рамковната конвенција за национални малцинства. Мониторинг процесот, кој трае определен период и низ кој циклично на 5 години поминува секоја земја-договорна страна на Конвенцијата, кулминира со усвојување на Резолуција од страна на Комитетот на министри. Резолуцијата е базирана врз наодите и препораките на Мислењето на независните експерти на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за национални малцинства, кои меѓу другото, беа во посета на Македонија во ноември 2021.

    МНР најавува дека покрај мислењето кое е објавено на интернет страната на Совет на Европа во септември минатата година, наскоро се очекува јавно достапна да биде и усвоената Резолуција.

    „Во процесот на усвојувањето на Резолуцијата, беа поднесените бројни амандмани од друга заинтересирана делегација кои не наидоа на поддршка од мнозинството земји членки на Совет на Европа. Помеѓу останатото, аргументацијата на високото мнозинството претставници е дека ваквите процеси не треба да бидат прекумерно политизирани и билатерализирани, туку истите треба да се засноваат на духот и принципите на меѓународното право и стандарди, како и објективните наоди на независните експерти кои рефлектираат на реалната состојба“, вели МНР.

    Македонија останува и во иднина посветена на почитување и заштита на човековите права, вклучително и малцинските, независно за која етничка заедница станува збор, и отворена за соработка и дијалог со релевантните механизми за човекови права, вели Министерството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира