НЕМА ДОКАЗИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА, КОРУПЦИЈА И ПОТКУП ПРОТИВ ЕКСДИРЕКТОРОТ НА ФИНАНСОВАТА ПОЛИЦИЈА АРАФАТ МУАРЕМИ, ОДЛУЧИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ

    НЕМА ДОКАЗИ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА, КОРУПЦИЈА И ПОТКУП ПРОТИВ ЕКСДИРЕКТОРОТ НА ФИНАНСОВАТА ПОЛИЦИЈА АРАФАТ МУАРЕМИ, ОДЛУЧИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛНиеден сведок не сведочел ни за Малтретирање во вршење на служба и Насилство, за кои Муареми имал пријава од физичко лице, кои тврдело дека не само тој, туку нападнати биле и вработени од општина Дебар (Фото: СДК.МК)

    Се затвора случајот против поранешниот директор на Управата за финансиска полиција (УФП) Арафат Муареми и против тамошни вработени службеници, отворен од Вилма Русковска, поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција. По повеќемесечнаа предистрага и проверки и врз основа на прибраните вербални и материјални докази, надлежната обвинителка Лиле Стефанова утврдила дека во однос на двете кривични пријави, не постои основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела или друго кривично дело кое се гони по службена должност.

    Во анонимната кривична пријава поднесена од група граѓани на 3.5.2022 година до ОЈО за организиран криминал, биле изнесени наводи дека УФП не постапувала по анонимните пријави и оформените предмети биле затворани без да биде известено надлежното обвинителство. Врз основа на наводите во кривичната пријава, на 18.7.2022 година, обвинителството раководено од Русковска до УФП испратило барање со рок од 10 дена за доставување на податоци за бројот на примени анонимни кривични пријави од 2018 година до денот на доставување на одговорот и нивното евидентирање во уписниците на УФП, причините за нивно евентуално неевидентирање, како и за фазата во која се наоѓаат овие пријави и дејствијата што Управата ги преземала за нив.

    „Истиот ден врз основа на наредба за претрес издадена од Основниот кривичен суд Скопје, на барање на обвинителството е извршен претрес на просториите на УФП, како и претрес на лице – поранешниот директор на УФП. Истражители од Истражниот центар во ОЈО ГОКК и полициски службеници извршија увид во документацијата на УФП, односно во уписниците за наведениот период при што е утврден бројот на анонимните кривични пријави. По насока на јавниот обвинител е побарано овие предмети да се достават на увид, како би се утврдил начинот на евиденција и постапување. Со потврда за привремено одземање на денот на претресот се обезбедени 35 предмети, воедно од поранешниот директор се одземени подвижни предмети – едно УСБ и еден персонален компјутер. Подоцна, со допис од 9.9.2022 година од УФП дополнително се доставени 380 предмети“, се наведува во соопштението како течеше целата работа, за која Русковска е судспендирана.

    Предметот на 21.9.2022 со сите дотогаш прибрани списи бил отстапен на надлежност на Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, односно на Стефанова. Наредниот ден, таа до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика издала наредба за вештачење на одземените електронски уреди.

    „Истражители од Истражниот центар на ОЈОГОКК извршија увид во документацијата на сите 415 предмети и констатираа дека дел од предметите, иако се по пријави од 2018, 2019 и 2020 година, сѐ уште се водат како предмети во работа, а поголем дел од предметите се препратени на надлежно постапување во други инспекторати, МВР и други институции. Во предметите што биле затворени е содржана службена белешка од која може да се утврди на кој начин предметот е затворен или препратен во друга институција. Од сето погоре наведено, предметниот обвинител утврди дека наводите во пријавата оти УФП не преземала соодветни дејствија по предметите и не ги известувала надлежните јавни обвинителства и другите засегнати институции, не соодветствуваат со фактичката состојба“, кажува обвинителството зошто нема истрага против Муареми, иако со претресот и со вештачењето на предметите таму биле најдени предмети стари пет години.

    За наводите во анонимната кривична пријава и фактот дека наредбата за претрес на лице била барана поради постоење на основи на сомневање дека поранешниот директор Муареми сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание, Стефанова и тоа го истражувала, во корелација со веќе прибраните докази.

    „Од доставеното вештачење и анализа на содржината на одземената компјутерска опрема, утврдено е дека документите и компјутерските податоци немаат поврзаност со конкретниот предмет. Така, од собраните докази и деталното разгледување на сите анонимни пријави, не произлезе основано сомневање дека пријавениот со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал или на друг начин влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши, а за посредувањето да примил награда или друга корист“, утврдила Стефанова.

    Таа донела решение и за кривичната пријава поднесена од физичко лице против поранешниот директор на УФП и против инспектор во УФП, за сторени кривични дела Злоупотреба на службена положба и овластување, Малтретирање во вршење на службата, Насилство и Примање поткуп. Во текот на предистражната постапка доставила барање до повеќе органи и институции и ги сослушала оштетениот, пријавените и 16 сведоци.

    Со цел да утврди дали пријавените со своите дејствија оствариле битие на кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, јавниот обвинител од ОЈОГОКК презела низа дејствија, меѓу кои доставила барања за доставување податоци до Општина Дебар, барање за увид во предметот оформен во Управен суд и барање до УФП за добивање на предмет оформен по анонимна пријава која се однесува на легализација на бесправно изграден објект на лицето што ја поднело кривичната пријава до ОЈОГОКК.

    „Од прибраните писмени докази и вербални искази, јавниот обвинител утврди дека не постои основано сомнение што упатува дека пријавените ја искористиле својата моќ како вработени во УФП и откако оштетениот не им дал пари, започнале да водат постапки за поништување на легализацијата на неговиот објект. Прибраните докази упатуваат на тоа дека пријавените постапувале во рамки на нивните законски овластувања по поднесена анонимна пријава до УФП и имале за цел да утврдат дали е сторено кривично дело што се гони по службена должност, а чие откривање и документирање е во надлежност на УФП. Управната постапка за поништување на решението за легализација за која станува збор во пријавата е во надлежност на Управниот суд и таа сѐ уште не е завршена“, се наведува во соопштението за овој голем случај.

    Во однос на наводите дека Арафат Муареми и колеги сториле кривично дело Примање поткуп, пријавениот инспектор во одбраната ги негирал тврдењата опишани во кривичната пријава. Стефанова тоа го потврдила со анализа на телефонската комуникација и движењето по базни станици на телефонските броеви на пријавениот и пријавителот. Притоа било утврдено дека за период од една година, двата телефонски броја не се регистрирани на исти или приближно исти базни станици што упатило на заклучок дека исказот на пријавителот не може да се потврди.

    „Исказите на сведоците, вработени во Општина Дебар, не ги потврдија наводите на оштетениот дека пријавените ги извршиле кривичните дела Малтретирање во вршење на служба и Насилство за кои тој тврди дека биле преземани кон него и кон вработените во Општина Дебар. Притоа, пријавениот поранешен директор на УФП не е споменат од ниту еден сведок, а оштетениот со ниту еден доказ не ги поткрепи тврдењата дека лица од Косово и Албанија му се јавувале во врска со овој предмет, ниту пак поврзаноста на наводните јавувања со пријавените. Врз основа на анализа на сите расположливи докази, предметниот јавен обвинител донесе решение со кое ја отфрли кривичната пријава бидејќи не постои основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела за кои се пријавени или друго кривично дело што се гони по службена должност“, е конечната одлука на Стефанова, односно на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира