НЕМА МЕСТО ЗА ЗАКОТВУВАЊЕ НА СИТЕ 400 ГЛИСЕРИ И МАЛИ ЈАХТИ КОИ ПЛОВАТ ЛЕТОВО ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

    НЕМА МЕСТО ЗА ЗАКОТВУВАЊЕ НА СИТЕ 400 ГЛИСЕРИ И МАЛИ ЈАХТИ КОИ ПЛОВАТ ЛЕТОВО ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРОВо Охрид неколку децении се најавува изградба на современа марина за глисери и јахти,но ниту еден состав од градските локални влади не успеа ова да го реализира (Фото: СДК.МК)

    Во август, во водите на Охридското Езеро пловат околу 400 глисери и јахти, а нивните сопственици мака мачат каде да се закотват. Единствен простор засега е каналот Билјанини Извори, но таму нема место за сите.

    „Според нашите проценки, моментално по Езерото пловат околу 400 глисери и јахти. Поголемиот дел се во сопственост на македонски државјани, од Скопје и некои други градови, но има и триесеттина јахти и едрилици од Холандија. Во Езерото пловат и 100 чамци, како и триесеттина скутери. За глисерите и јахтите веќе нема место за закотвување, Каналот е полн. Пловилата стојат едно до друго”, ни изјави капетанот на Капетанијата на македонските пристаништа Горан Устијановски.

    Во Охрид неколку децении се најавува изградба на современа марина за глисери и јахти, но ниту еден состав од градските локални власти не успеа ова да го реализира. Имаше идеја тоа да биде зад мостот на каналот Билјанини Извори, потоа и кај месноста Грашница во правец на Струга. Од тоа ништо не е реализирано. И новата локална власт најави изградба на современа марина, но за ова лето тоа е невозможна мисија.

    Додека се чека изградба на современа марина, сопствениците на скапи пловни објекти не само што тешко наоѓаат место да се закотват, туку глисерот со гориво го полнат во самото Езеро со канти. Сите знаат дека е тоа посебно опасно поради можна експлозија, но глисерџиите велат дека немаат друг избор.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира